Собраниска говорница е или селска чешма е?

Се потешки зборови разменуваат политичарите во Македонија. Ај што се тешки, туку некои се простачки, а има и несоодветни, па дури и мизерни однесувања кај некои од нив. И што е позагружувачко – што е функционерот повисоко во политиката тоа однесувањето е понесоодветно.

Деновиве бевме и сведоци на омаловажувачки одговор на премиерот Ковачевски на новинарско прашање. И „згора на тога“ што би рекол неговиот претходен шеф Зоран Заев, министрите се смееја на досетката на Ковачевски со која тој не даде одговор на прашањето ама многу други работи објасни.

Ќе се смири ли ароганцијата и нервозата кај политичките чинители во Македонија? Тоа е нужно.

Нивото на политичката култура во Македонија во изминативе три децении имало многу осцилации, но деновиве се чини го допира дното. И тоа баш во парламентот. Доволно беше да се слушне само она што вчера и последниве денови вербално си разменуваа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки и премиерот Димитар Ковачевски. Такви меѓусебни навредувања и дисквалификации одамна не се слушнале на јавната сцена. Дезертер, кодош, нечесник, марионета, шпион, насилник, крадец, срам за државата… беа само дел од навредите кои меѓусебно си ги доделуваа.

Пратеникот Ковачки зад собраниската говорница, тврдеше дека премиерот Ковачевски срамно дезертирал кога го одбегнал служењето на воениот рок.

– Пред мене седи човек во првите редови кој во 2001 година одбра да биде нечесен, одбра да дезертира и да не и помогне на државата тогаш кога таа го побара. Вие премиере сте дезертер и вие сте отпадник од македонското ткиво. Македонија ја води во бездна човек кој е нелегитимен, трајно неспособен и анти – Македонец, обвини Ковачки.

На ова следуваше и одговорот од Ковачевски, според кого, „оваа група овде, од опозицијата, се лопови, криминалци, насилници, неработници и кодоши“.

Цело раководство им е осудено на десетици години затвор поради криминал. И видете кој човек говори за војска – Ковачки. Тоа е човек кој додека бил во АРМ издавал информации, тргувал со нив, навредувал колеги и колешки. Мизерија од човек, одговори Ковачевски.

Дали овој начин на изразување е достоен за македонското собрание? Дали се во прашање нервози или ова им стана навика откако токму политичарите дозволија странски државници вака недостојно да се однесуваат кон Македонија и македонскиот идентитет, јазик…? Дали можеби пратеникот и премиерот помислија дека се е дозволено откако и спикерот на Собраниато беше снимен како силно навредува вработени во парламентот? Дали може така си прават муабет по дома, дали…?

Но, што и да е, собраниската говорница, а и било која политичка говорница не треба да се претвори во селска чешма на која се караат комшиките. Па нели тие се лидерите на Македонија, оние кои само пред некој ден ги осудуваа свирежите на химни, кои не учат како…, кои цело време верглаат дека се за дијалози и толеранција…?

Претходна вестКазна за „пајак“ во Центар ќе чини 3.500 денари
Следна вестГруби не се повлекува од функцијата: Нема раскол во ДУИ, сите се построени позади Али Ахмети