Со меѓусебни надвикувања, скандирања, обвинувања, попречувања со звуци на вувузели…, пратениците во македонскиот парламент денеска ја продолжија расправата околу Информацијата на Владата за предложената преговарачка рамка од француското претседателство со ЕУ. Опозициските пратеници почнуваат да свират со вувузели кога нивните колеги од СДСМ ќе почнат да зборуваат на собраниската говорница, а неретко аплаудират на сопартијците. Од друга страна, пред Собранието и денеска, во помал број, имаше собрани граѓани кои протестираа против прифаќањето на францускиот предлог. Пред и околу собраниската зграда присутно е полициско обезбедување, а улицата пред Собранието е затворена за сообраќај.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и денеска беа категорични против францускиот предлог.
-Не сакам да сум дел од европското семејство, ако сум бугаризиран со нарушено достоинство, јас сум Македонец и никако поинаку. Единственото национално обележје кое што вие го почитувате е денарот затоа што се околу вас и вашите луѓе се врти околу пари. Мојот став е следен, ултимативен, срам, пораз и капитулацијата. Со овој предлог ќе заглавиме во уцените на велико бугарскиот шовинизам, Бојан Стојаноски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Неговиот сопартијец Александар Велјановски, пак, порача дека со францускиот предлог Македонија влегува во темен лавиринт од кој нема да може да излезе во следните 30-тина години.
-Со овој предлог се создаваат нови критериуми. Билатералните односи помеѓу република Бугарија и Република Македонија стануваат услови за понатамошто напредување на Македонија кон ЕУ. Господинот Ковачевски, кукавички и предавнички подметна кукавичко јајце тука во Собранието и избега затоа што не може да се соочи со нас. Ќе го стигне правдата почитувани граѓани, порача тој.
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Олга Лозановска кажа дека вчера во парламентот дошле да ги стелизираат Македонците дома, алудирајќи на посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен,.
-Ќе ви прочитам еден твит – на денешен ден 1933 година, нацистите донеле закон за задолжителна стерилизација на лицата со наследни болести. Денес, односно вчера, 2022 година, ни дојдоја дома, во парламентот, да нè стерилизираат нас Македонците, кажа Лозановска во реплика.
Претходно, во своето обраќање таа ја нарече власта предавничка и корумпирана.
Наспроти ова, пратениците од СДСМ го бранеа предлогот и ги отфрлаа сите обвинувања.
-Кои сте вие да не нарекувате предавници, вие кои имате по неколку пасоши во џебот, а јас имам само еден – македонски, јас се борам за мојот македонски пасош, за мојот македонски јазик, за мојот македонски идентитет. Ние нудиме заклучоци со кои на Владата ќе и наредиме никогаш во преговорите да не го доведе во прашање македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Вие не нудите ништо освен поделба на граѓаните и изолација, порача пратеничката на СДСМ Жаклина Лазаревска.
Нејзината сопартијка Санела Шкријељ рече дека предлогот го чува македонскиот идентитет.
-Вие сте кукавици, ксенофоби и криминалци, можете да викате и да се заканувате колку сакате, ние ќе продолжиме по европскиот пат кон ЕУ при тоа, зачувувајќи го македонски јазик и сите особености на македонскиот етнички идентитет, рече таа.
Даниела Николова, пак, рече дека опозицијата со викање и закани сака народот да не ја чуе вистината.
-Вие сте очајни во постапките, кои покажуваат дека единствено ви е важна власта, зборувате за идентитет, за македонски јазик, а не прифаќате решенија, кои го гарантираат тоа, извадивте куп бугарски пасоши, на маиците ви е Гоце Делчев, ама во душата го носите Тодор Александров, зборувате за важноста на македонски јазик, а сакавте да ја затворите катедрата за македонски јазик на УКИМ, на Фејсбук пишувате статуси „ајмо звиждаљке“, нели на чист македонски јазик, истакна Николова.
Павле Трајанов од ДС во својот говор посочи дека е за влез на земјава во ЕУ, но тој пат, како што кажа, е доста тежок.
-Како што поддржувавме Македонија да биде дел од НАТО сега поддржуваме да биде дел од ЕУ. Тој процес долго време е блокиран, првично од Грција, потоа од Франција, а сега од Бугарија. Јасно е дека долго ќе чекаме пред вратата, рече Трајанов.
Порача дека требаше од Владата да бидат предложени прифатливи заклучоци за сите пратеници и ги презентираше предлог-заклучоците изработени од ДС за кои рече дека во себе содржат дел од заклучоците на СДСМ и дел на ВМРО-ДПМНЕ. Додека говореше тој воопшто немаше бука во собраниската сала иако е дел од владејачкото мнозинство.
По неговото излагање следеше серија реплики од пратениците од опозицијата во кои му порачаа дека иако неговите ставови се против францускиот предлог тој се уште стои во Владата. Трајанов одговори дека народот гледа и суди и додаде дека нема да поддржи уставни измени ако нема реципроцитет од бугарска страна, односно барем да ги прифатат и спроведат пресудите од Стразбур за Македонците во Бугарија.