На околу 60.000 работници во јавен сектор треба линеарно да се покачи мартовската, став е на Сојузот на синдикатите на Македонија. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов и заменик претседателот на Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Боби Стојановски денеска остварија средба со дополнителниот заменик Министер за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски
-На средбата Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов го информираше Заменик Министерот Андоновски дека со денешната објава на новиот износ на минималната плата која според пресметките треба да изнесува 22.567,00 денари, односно истата се зголемува за 2.392,00 денари, треба да се усогласат и платите на вработените во јавниот сектор, а во чии закони како основна компонента е минималната плата, и со тоа на околу 60.000 работници во јавен сектор треба линеарно да се покачи мартовската плата, соопшти ССМ.
Истовремено, Трендафилов укажа на потребата од склучување на нов Грански колективен договор со Синдикатот на УПОЗ веднаш по завршување на изборниот процес и склучување на нови колективни договори на ниво на работодавач во јавниот сектор.
-Дополнително, Трендафилов и Стојановски му укажаа дека треба да се разгледа барањето на Самостојниот синдикат за здравство за промена на каталогот за работни места со дополнување на работните места во здравство кои сега не се каталогизирани, се наведува во соопштението на ССМ.
Инаку, во ССМ сметаат дека до крајот на годинава треба да има уште едно зголемување на минималната плата. Според нив, мартовскиот скок на минималецот на 22. 500 денари велат дека не е доволен и бараат идната Влада во првите 100 дена да направи уште една корекција и со тоа минималната плата да достигне износ од 450 евра, колку што е во некои земји од регионот. Ова беше соопштено пред стартот на состанокот на Економско-социјалниот совет, на кој присуствуваат и претставници од Владата и од организацијата на работодавачи.
Инаку, одлуката за новото зголемување на минималната плата се уште не е влезена во Службен весник. Од ССМ очекуваат тоа да се случи најдоцна до понеделник.