Трите закони поврзани со даночната реформа кои неодамна беа повлечени од Собранието наскоро ќе бидат вратени во парламентарна процедура со европско знаменце. Законите се поврзани со воведувањето на солидарниот данок, но и со останати даночни реформи. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска изјави дека на ваквиот чекор се одлучиле поради односот на опозицијата.
-За жал, немаше слух во Собранието за да се донесат законите и секоја понатамошна одлука за овие закони, но и за сите други ќе бидат одговор на неразумно однесување како што направивме со законите за „Бехтел и Енка“, затоа што граѓаните немаат време да чекаат, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Вчера Стопанската комора апелираше владата да се откаже од намерата да го воведе данокот за Солидарност.
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека оваа давачка е еднократна, само за оваа година, а компаниите добиле доволно државна помош во кризните години.
-Сметам дека е запазена процедурата на консултации исто како кога им помогнавме на акционерите, на фирмите со преку милијарда евра во текот на двете најголеми кризни години, да не заборавиме финансиравме плати на фирмите за да задржат работници, рече тој.
Инаку, освен солидарниот данок кој треба да опфати близу 200 најголеми компании, измените во ДДВ-то пак треба да ја поскапат таканаречената „луксузна“ храна, односно околу 4 илјади производи од 5 да се даночат со 10 проценти, додека пак за производите за менструална хигиена наместо 18 да се плаќа 5 отсто данок. Измени ќе има и во данокот на добивка. Парите кои треба да се слеат во државната каса од овие закони веќе се испланирани во буџетот за оваа година во висина од околу 90 милиони евра.