Солидарноста не се заборава: Еве како изгледа средното училиште Македонија во Малатија

Убава четирикатница е објект на новото училиште коешто во турскиот град Малатија ќе го носи името на Македонија, како израз на благодарноста на Турција за помошта којашто пристигнала од наша земја во со земјотрес разореното подрачје.

На социјалните мрежи се споделува информација и фотографија на училиштето на чијшто преден влез е таблата со натписот „Makedoniya Ortaokulu“, односно „Средно училиште Македонија“. Како што беше соопштено, 32-те училници, колку што ги има во објектот, ќе ги носат имињата на македонските градови и природни богатства.

Училиштето е изградено со помош на хуманитарните средства што ги собра Црвениот Крст по земјотресите кои ги погодија Турција и Сирија. Во акцијата, собрана е донација на парични средства во вкупен износ од 63.380.807 денари, односно над еден милион евра. Како што соопштија од Црвениот Крст, од вкупно 63 милиони денари, околу 51 милиони денари се намеменети за изградба на новото училиште, а 12 милиони денари се испратени на сметката за Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина за помош на настраданото население во Сирија.

– Црвениот крст на Република Северна Македонија по направените преговори со Турската Црвената Полумесечина, на заеднички предлог, одлучи собраните хуманитарни средства во износ од 50.909.796 денари, да се наменат за изградба на училиште во градот Малатија. Новото училиште ќе го носи името на нашата држава, а 32 училници ќе ги носат имињата на градовите на нашата држава. Овој акт ќе остави траен белег и доказ за солидарноста на граѓаните на РСМ кон граѓаните на Република Турција, се вели во соопштението.

Претходна вестТетовчанец уценувал девојка дека ќе објави нејзини фотографии ако не му ги исполни барањата, па ја нападнал
Следна вестШто е приоритет за власта: средено здравство и образование или уставни промени?