Соња Симовска времено ќе го води државното Обвинителство

За вршител на должноста републички јавен обвинител денеска е избрана обвинителката Соња Симовска со едногласна одлука на деветмина членови на Советот на јавни обвинители. Таа ќе почне да ја извршува функцијата по истекот на мандатот на Љубомир Јовевски на 25 декември, се до изборот на иден обвинител.

Симовска, претходно, беше избрана за заменик државен обвинител во јануари минатата година. Таа ја извршуваше и функцијата виш јавен обвинител во скопското Вишо јавно обвинителство. Во јавноста е позната како обвинителка која во време на распаѓање на СЈО, беше застапник на обвинението за „Титаник 2“.

Постапката за избор на наследникот на Јовевски е во тек. На огласот за нов државен јавен обвинител се пријавиле тројца кандидати – Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РСМ.

Владата на 19-ти декември донесе одлука да ги испрати кандидатурите за нов републички јавен обвинител на мислење во Советот на јавните обвинители. Советот на јавните обвинители доставува негативно или позитивно мислење за пријавените кандидати. Потоа Владата доставува предлог до Собранието за избор на еден од кандидатите кој добил позитивно мислење. Тогаш Собранието закажува расправа за гласање, а изборот се врши со просто мозинство.

Претходна вестОднеле затвореник да заврши приватни обврски, па им избегал, кривична за двајца полицајци
Следна вестНема карти за македонските навивачи, распродaдени билетите за Европското ракометно првенство