Советот на обвинители доби нов претседател – и само тогаш слушаме за ова тело

Следните две години претседател на Советот на јавни обвинители ќе биде јавниот обвинител Антониот Јолевски. Ова е одлучено на денешната 32-ра седница. За Јолевски гласале сите 11 члена на советот, но освен него немало друг пријавен кандидат.

Јавниот обвинител Антонио Јолевски, на функцијата член на СЈО дојде од Основното јавно обвинителство на Битола. Во 1983 година се вработил во Окружен суд Битола, каде бил приправник и раководител на писарницата. Од 1996 распореден во Апелациониот суд Битола како стручен соработник и судски советник, а од 2002 година како раководител на сектор – секретар на судот. Во 2003 година е избран за заменик Јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Битола. Во 2012 година е избран за Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Битола. Од 2018 како јавен обвинител во ОЈО Битола. Во 2020 година е избран Член на Советот на јавните обвинители на Македонија.

Јолевски ќе го наследи Ацо Колевски кому му истече.

Мандатот на претседателот на обвинителскиот совет трае две години, без право на реизбор, а тој треба да биде од членовите на Советот, кои се избрани од редот на јавните обвинители.

Советот е составен од 11 члена, од нив четворица ги избира Собранието од редот на универзитетските професори по право, адвокати, поранешни судии во Уставен и во меѓународни судии и од други истакнати правници.

Шест члена, пак, се јавни обвинители: еден го избира Јавното обвинителство на РСМ, по еден се избира од подрачјата на вишите обвинителства во Битола, Гостивар, Скопје и Штип, а еден е припадник на заедницата која не е мнозинство во Републиката и него го избираат сите јавни обвинители.

По функција, член е и републичкиот обвинител, во случајот Љубомир Јовески, но тој не може да биде избран за претседател на Советот.

Меѓу надлежностите на ова тело е да ги избира и разрешува јавните обвинители, утврдува престанок на функцијата јавен обвинител и одлучува во втор степен во постапка за утврдување на дисциплинската одговорност на јавните обвинители, одлучува за утврдување на нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител, ја следи работата на јавните обвинители врз основа на оцената за нивната работа согласно со Законот за јавното обвинителство, одлучува за привремено оддалечување од функцијата јавен обвинител, постапува по претставки и поплаки на граѓани и правни лица за работата на јавните обвинители, издава и да одзема службени легитимации на јавните обвинители…

И покрај ваквата сериозна функција, ако погледнеме наназад за тоа што сработила оваа институција, може да заклучиме дека таа се споменува само кога има избор на нејзин претседател.

 

Претходна вестВ недела ќе се трча скопскиот маратон
Следна вестНема што нема – се појави и лажен геометар во Скопје