Одлука на најголемиот градски автобуски превозник ЈСП „Скопје“ да му се доделат субвенции од 110 милиони денари денеска донесоа советниците во Советот на Град Скопје. Вкупно 24 советници гласа „за“, против беа двајца, а воздржани немаше. Ова денеска беше единствена точка за расправа на вонредната седницата на Градскиот Совет при што се одлучуваше за Одлука за изменување на Одлуката за давање на субвенции на ЈСП „Скопје“ за 2023 година од 440 милиони денари на 550 милиони денари. Односно, за зголемување на субвенциите во износ од 110 милиони денари.
Со донесувањето на одлуката се очекува веќе утре вработените во ЈСП „Скопје“ во последниот законски рок за исплата да ја земат октомвриската плата.
Директорот на ЈСП „Скопје“ Крсте Петревски пред советниците повторно ги образложи трошоците што ги има јавното претпријатие, пред гласањето за негово субвенционирање со 110 милиони денари.
– Најмногу пари одат на нафта – 480 милиони денари до крајот на годината, за антифриз, масло, мазива одат 16 милиони, за електрична енергија 20-22 милиони денари, за парно – 130.000 денари, за метан – 110 милиони денари, за мобилни и интернет речиси 2 милиони денари, има и трошоци за резервни делови, ХТЗ опрема, алат, автогуми, повремени услуги на Агенцијате за вработување – 71 милиони. Дополнително, дека годишно ЈСП плаќа 110 милиони за новите автобуси МАН, како и два други кредита од британскиот и јапонскиот клуб, рече Петревски.
Тој уште еднаш ги замоли сите советници да ги изгласаат потребните субвенции, бидејќи, како што кажа, се работи за платите на вработените, а со тоа ќе биде доведен во знак прашање и јавниот сообраќај.
– Мора да помогнеме за јавниот превоз да се одржи во кондиција. Доколку не ја донесеме одлуката ќе предизвикаме застој во јавниот превоз. Чесните вработени во претпријатието ќе останат без плата, рече Петревски
Тој објасни дека претпријатието во моментов се располага со 326 автобуси од кои секој ден од 250 до 280 се во функција.