Кумановец кој бил заробен во длабока тиња и кал на реката Пчиња е спасен по успешна акција на кумановските пожарникари, информира Центарот за управување со кризи.
-Денеска, од пред зори имаше неколкучасовно, успешно, а опасно извлекување од длабока тиња и кал како „жив песок“ и за заробениот човек и за спасителите – пожарникарите, Конкретно, покрај кумановскиот дел од река Пчиња, имаше комбинирана спасителан акција од страна на пожарникарите од Територијалната противпожарна единица и Итната медицинска помош од Куманово, се наведува во соопштението.
Се наведува дека тим кумановски пожарникари, на чело со командирот на смена Сашо Илиевски, неколку часа, од околу 04.00 часот па до 07.00 часот утрово беа во спасувачка акција. Итниот случај го пријавил на 112 во ЦУК риболовец, којшто ги слушнал повици за помош на лицето кое покрај реката заглавило во длабока тиња и кал, на тој потег од реката Пчиња.
-Ситуацијата била опасна, бидејќи полека, како што лицето, возрасен маж, сакало да се самоизвлече се повеќе пропаѓало на местото каде што почвата била ,буквално, како маскиран „жив песок“ со исушен слој најгоре, на површината, од топлото време, а надолу како да немало дно. Тимот пожарникари, за среќа, брзо и на време стигнал до оддалеченото место од пристапен пат. бидејќи лицето било веќе речиси до рамења и врат пропаднато и било снеможено и на крај од неговите сили заради долготрајното заглавување при што полека тонело во меката почва. Пожарникарите успеале да го фатат со јажиња од нивната опрема и полека почнале да го извлекуваат, при што било потребно и нивно доизвлекување, бидејќи и тие тонеле полека во меката почва. Еден со друг тимски си помагале, етапа по етапа, од сложеното, а навидум едноставно, извлекување и спасување на заглавеното лице, од опасниот терен, ја опишува акцијата ЦУК.
Откако пожарникарите го извлекле од длабока тиња и кал, што била буквално како „жив песок“, лицето речиси се онесвестило и го ставиле на специјалната спасителна даска за носење.
-Додека едни го носеле, други со секири го расчистувале пред нив патот од вегетација и дрвја за да се пробијат до пристапниот пат каде ги чекала Итната медицинска помош. Настраданиот е жив, но многу истоштен и снеможен од долготрајното заглавување. Тој е веќе во болница во Куманово и е надвор од животна опасност, соопшти ЦУК.