Групата од Иран и Русија, која ги правела лажните дојави за бомби во Македонија, е лоцирана, се работи на вештачење на материјалите по што ќе следува и поднесување кривични пријави, соопшти денес министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Повеќе детали за групата тој најави кога ќе заврши обезбедувањето на доказите и поднесувањето на кривичните пријави
– Имаме лоцирано една група. Во моментот се работи на вештачењето на материјалите и потврдување на доказите за да може да бидат поднесени кривичните пријави. На тој начин дел од тие криминални активности за дојавите за бомби ќе биде целосно расчистен и затворен. Тие се лоцирани врз основа на преземени криминалистички активности од страна на секторот за борба против тероризмот, секторот за компјутерски криминал и секторот за меѓународна полициска соработка. Целосните детали ќе можеме да ги соопштиме кога ќе заврши обезбедувањето на доказите и поднесувањето на кривичните пријави, рече министерот Спасовски по денешната конференција „Зајакнување на отпорност и подобрување на капацитетите за одговор на хибридните закани“ .
Тој најавува дека вештачењето прецизно ќе покаже во кој период биле лажните дојави и кон кои институции иако е извесно дека со оваа истрага се опфатени дојавите од јануари годинава кога беа интензивирани нападите.
Тој уверува дека повеќе не стигнуваат дојави за бомби во училиштата по одлуката за дојавите да не се јавува преку медиумите.
МВР во соработка со експерти од странство работи и на истрага за нападот на Фондот за здравствено осигурување кога податоците на сите здравствени осигуреници беа недостапни за институциите.