Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска се обрати на Комеморацијата по повод сеќавањето на жртвите од Геноцидот над Ромите во рамки на Втората Светска Војна – 2 август, на платото пред Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија.
-Текстот продолжува по рекламата-
На свеченоста присуствуваа и министерот задолжен за имплементација на Стратегијата за Ромите, Музафер Бајрам и главниот извршен директор на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикарио.
Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Спасовски во целост:
„Со овој настан денеска, одбележуваме еден од најтрагичните настани и процеси во историјата на човештвото – Холокаустот што за време на Втората светска војна бил извршен врз Ромите и Синтите, како дел од најмрачната замисла за така нареченото „конечно решение“ на нацистичката и фашистичка закана врз слободниот свет во тој период.
Ова е ден кога се сеќаваме дека меѓу 1933 и 1945 година, нацистите и нивните соработници убиле стотици илјади Роми – мажи, жени и деца – во деловите од Европа кои биле под фашистичка окупација.
Ромите во Европа биле мета на прогон од страна на нацистите, а масовните убиства го достигнале врвот во периодот од 31 јули до 2 август 1944 година кога Германците ја почнале ликвидацијата во Аушвиц – Биркенау, кога само во овој камп на смртта биле убиени речиси 3.000 Роми.
Ова е еден од најголемите порази на човештвото во историјата и затоа холокаустот врз Ромите не смее да остане заборавен како што го нарекуваат – „заборавениот Холокауст“.