Немало пријава во која што се вели дека е украдено моторно возило на убиениот велешанец Панче Жежовски кое потоа послужило за киднапирањето на Вања Ѓорчевска туку дека само исчезнало лицето. Ова синоќа го кажа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5. Тој одговараше на прашањето кога и на кој начин е дојдено до сознанија дека осомничените се извршителите на двете грозоморни убиства. Според него, неаргументирани тврдењата за текот на истрагата извршуваат уште еднаш убиство врз жртвите, потенцирајќи дека постапувањата и за двата случаи започнаа од моментот на пријавувањето.
-Во однос на случајот со велешанецот, во однос на пријавата, мора да кажеме дека шпекулации се дека од 22-ри, па дека не се постапувало итн. Значи, пријавувањето на исчезнување на лицето е извршено на 24-ти вечерта и тоа за исчезнување на лице кое што живеело само, кое што фамилијата, семејството го бара и не го наоѓа и пријавува дека исчезнува лицето. Секако дека нема пријава во која што се вели дека е украдено моторно возило итн., туку исчезнато е лицето, а возилото не било тука, па се претпоставува дека лицето заминало со возилото некаде“, објасни Спасовски, посочувајќи дека од тој момент започнуваат и сите постапки во однос на истрагата во Велес, од страна на СВР Велес, а за случајот во Скопје, веднаш после првата пријава на телефонскиот број, се активираат сите механизми во однос на пронаоѓањето на девојчето, вели првиот човек на МВР.
Тој додаде дека се поднесени кривични пријави на стотина страници, а јавниот обвинител најави дека е можно да има и проширување на истрагата, сѐ со цел да се дојде до конечната вистина во однос на мотивите и сето она што претставува интерес во однос на целиот овој случај.
Спасовски рече дека нов момент е тоа што се побарани од Република Турција да се достават дактилоскопските податоци, папиларните линии, и тие се доставени и ќе бидат предадени во јавното обвинителство и се очекува наскоро да стигне и материјалот за ДНК анализа.