Спирко Топаловски ја смени изјавата: Да бидам искрен оружје не видов, Нефи бил и ќе биде мојот пријател

Со крајно спротивна изјава денеска се јави охриѓанецот Спирко Топаловски за инцидентот кој пред четири дена го имал со Нефи Усеини, советникот од ДУИ во општината, и неговиот брат во Охрид. Наспроти поранешната изјава дека бил тепан со пиштол по глава од советникот Усеини и дека пиштолот бил вперен во неговиот 14-годишен син, Топаловски сега дава сосема поинаква верзија на инцидентот.

Тој вели:

-Јас Спирко Топалоски сега во добра здравствена состојба, сакам да ги демантирам написите кои деновиве  излегоја во јавноста, надвор од контекст  и надвор од се што се случи критичниот ден. Од еден немил настан и расправија, која произлезе најверојатно од политички причини односно од структури замене непознати со цел да се дискредитира неговото име и да се наруши нашето пријателство се направи филм.  Додека јас и Нефи разговаравме, добив удар од задната страна и од стресот што го добив, особено и поради тоа што мојот син беше присутен добив погрешен впечаток за се. Да бидам искрен оружје не видов, но во целата таа паника што настана се стекнав со таков впечаток како да има пиштол, а всушност немаше. сакам да потенцирам дека се работи само за едно недоразбирање, кое е надминато. Нефи бил и ќе биде мој пријател. Би ја замолил јавноста и медиумите да се занимаваат со други поважни, а не вакви исконструирани настани“, се вели во денешната изјава која до медиумите ја испрати адвокатот на Спирко Топалоски, Кристијан Спироски.

Познато е, по пријавувањето на инцидентот и полициска истрага, Основниот суд во Охрид го прифати предлогот на обвинителството и им одреди притвор на бизнисменот и советник во општина Охрид од редовите на ДУИ, Нефи Усеини и на неговиот брат заради претепување на Топаловски. Но, и двајцата се се уште недостапни на полицијата која ги бара за да бидат ставени во осумдневен притвор. Во својата изјава за инцидентот Усеини ги демантираше тврдењата на Топалоски и рече дека не носел пиштол туку дека имало вербална расправија на која паднале само 2-3 шлаканици.

Од друга страна, полициските извори соопштија дека снимките на камерите во хотелот потврдија дека сепак било употребено оружје во целата драма која се случувала на сред бел ден. Сега останува да се види какви последици по овој случај ќе има сменетата изјава на Топаловски.

Претходна вестСообраќајна несреќа на патот Прилеп – Ресен, сообраќајот се пренасочува
Следна вестСЗО: Се надеваме дека пандемијата ќе помине за две години