Најавите на Европската унија за новиот стандард за издувни гасови Еуро 7 за возилата во патниот сообраќај предизвикаа голема бура. Тој би се применувал од 2025 година, а целта е дополнително да се намали емисијата на штетни гасови од новите возила.
Поточно, тоа значи инвестирање во нови технологии и покачување на цената на автомобилите за неколку илјади евра. За купувачите на „БМВ X5“ или „Мерцедес С“ класа тоа нема да биде голем проблем, но за оние кои можат да си дозволат само модели од пониска класа, дополнителни две илјади евра на цената на автомобилот ќе бидат голем трошок.
Од „Фолксваген “ и „БМВ“ остро се противат на оваа одлука и сметаат дека трансферот на нова технологија е неостварлив за толку краток временски период под пристојни комерцијални услови.
– Вредностите за емисиите што ги бара Европската комисија за тестови во тешки услови имаат мала врска со вистинската употреба на возилото, но бараат многу дополнителна технологија. Поради високите трошоци за имплементација на новата технологија и потребните човечки ресурси, помалку ќе се работи на електричната транзиција, така што ќе настрада и тој бизнис сегмент, објаснуваат од „Фолксваген“.
Во „БМВ“ сметаат дека нормата Еуро 7 е инструмент за порано прекинување на производството на бензински и дизел мотори, бидејќи се верува дека производителите на автомобили ќе ја следат линијата на најмал отпор и ќе ги напуштат моторите со внатрешно согорување.
Во ноември, Европската комисија ги претстави своите предлози за стандардот Еуро 7. Границите за автомобили треба да бидат само делумно пониски отколку според стандардот за издувни гасови Еуро 6, кој е на сила од 2015 година.
Но, тие треба да се мерат во проширена форма на тестови кои ги земаат предвид параметрите како што се ладни стартови и кратки патувања кога емисиите на штетни гасови (CO2, NOx…) се многу пати повисоки.
– Не му помага на квалитетот на воздухот ако ги мериме емисиите на издувните гасови на новиот мотор со внатрешно согорување со полн гас со коњска приколка во прва брзина на планински премин на Алпите, се потсмеваат од „Фоксваген“ .
Тие заклучија дека развојот на електричната мобилност е најдобриот начин за намалување на штетните емисии на гасови, но тоа може да биде проблем доколку треба да ги префрлат сите свои ресурси за да ја исполнат нормата Еуро 7 и разни хомологации.