Унгарија, Австрија и Србија се договориле да ги здружат силите и дополнително да ги зајакнат границите меѓу Србија и Северна Македонија против нелегални влегувања, како во однос на персоналот, така и на опремата, изјави денеска Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто.
На крајот од трилатералната средба на Австрија, Унгарија и Србија за миграцијата во Будимпешта, Сијарто истакна дека тие три земји не ги бранат само своите граници, туку и ЕУ.
-Наш заеднички интерес е да ја преместиме таа одбранбена линија на југ и затоа се согласивме да ги обединиме нашите сили и да обезбедиме уште подобро и посериозно зајакнување на границите меѓу Србија и Северна Македонија, и во однос на работна сила и опрема, рече Сијарто.
Тој нагласи дека Унгарија е подготвена да учествува во тие заеднички напори за одбрана на јужната граница на Србија, без разлика дали станува збор за персонал, технологија или опрема, со цел да се обезбеди најдобра можна заштита на границата на Србија и Северна Македонија.
Српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин, исто така, најави дека Србија ќе го зголеми бројот на луѓе на границата со Северна Македонија со цел да го намали бројот на нелегални влегувања во земјата. По средбите со унгарски и австриски претставници за управување со миграциските процеси Вулин изјави дека ова е начин за подобра контрола на миграцијата и нагласи дека нема да се градат нови прифатни центри, како и дека нема да има проширување на капацитетите.
Зборувајќи за усогласувањето на визната политика на Србија и ЕУ, Вулин изјави дека Србија таа политика најпрво ќе ја усогласи со оние земји од кои доаѓаат најголем број мигранти во Унгарија и Австрија.