Во 23 средни училишта во Скопје деновиве ќе започне реализацијата на третиот циклус тримесечни онлајн курсеви за изучување на албанскиот, македонскиот и турскиот јазик.
Курсевите се наменети за ученици и наставници, а истите се дел од проектот „Зборувам на јазикот на мојот другар“ предвиден во Стратегијата на Град Скопје за меѓуетничка интеграција и граѓанска вклученост и во Програмата за активности на Град Скопје од областа на образованието за 2021 година.
Со оваа активност ќе бидат опфатени вкупно 825 наставници и ученици, дел од нив ќе следат почетни курсеви, а дел продолжителни.
Од Град Скопје известија дека согласно искажаниот интерес, 296 ученици и 8 наставници ќе следат почетен курс за изучување на македонскиот јазик, 148 ученици и 49 наставници ќе следат почетен курс за изучување на албанскиот јазик, додека 5 ученици и 14 наставници ќе следат продолжен курс, 251 ученици и 36 наставници ќе посетуваат почетен курс за изучување на турскиот јазик, додека 16 ученици и 2 наставници ќе следат продолжен курс.
Со посетување на курсевите младите ќе имаат можност да стекнат основни познавања на јазикот на кој зборуваат нивните соученици, што ќе придонесе за нивна јазична социјализација. Проектот има за цел стимулирање на училишните заедници да градат и развиваат позитивни интеракции помеѓу учениците и наставниците од различни етнички заедници и ги следи принципите на владината Стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот.
Курсевите ги држат наставници вработени во средните училишта, а истите се логистички и финансиски поддржани од Град Скопје.