Во Германија од денеска (27 јуни) стапува на сила новиот закон со кој се олеснува стекнувањето германско државјанство, јави ДПА.
Реформата на законот за државјанство, која беше поттикната од германската владејачка коалиција, овозможува лицето да стане германски државјанин, а во исто време да го задржи државјанството на земјата од која потекнува. Досега, зачувувањето на државјанството на земјата на потекло беше можно само за граѓаните од другите земји од Европската Унија.
Според законските измени кои стапуваат на сила, луѓето кои ги исполнуваат сите други услови можат да аплицираат за германско државјанство по пет години престој во Германија. Досега условот беше осум години престој.