Нов паркинг на простор од околу 1500 метри квадратни со капацитет од 60 паркинг места е пуштен во употреба во населбата Стар Аеродром. Проектот е целосно финансиран со средства од буџетот на Општина Аеродром и е дел од градежната офанзива која започна во 2022, а продолжи во 2023 година. Со ова локалната самоуправа решава еден важен проблем за жителите кој живеат во овој дел од општината.
-Во рамките на овие инвестиции, активно се работи за почеток на изградба на паркинзи на уште две други локации со вкупен капацитет од над 160 паркинг места, првиот во близина на „Мајчин дом“, а вториот во населбата Мичурин. Настојуваме во нашата работа да ставиме акцент на најважните предизвици со кои се сооочуваат граѓаните, водејќи сметка за развојот на секое населено место. Во буџетот за оваа година предвидени се голем број инвестиции со кои Аеродром и понатаму ќе биде најубаво место за живеење, порача денеска градоначалникот на општина Аеродром Тимчо Муцунски.