Стартуваше 24. Вардарска регата: На Владо Стојановски по 43 години ќе му се исполни желбата да доплови до Солун по Вардар

Педесетина учесници на 24. Вардарска регата утрово запловија во Вардар која годинава за првпат откако постои целта ја има вливот на Вардар во Егејското море кај Солун. Македонската телевизија објави дека учесниците во регатата ќе пловат седум дена, до 26 јуни. Во Македонија ќе ноќеваат во Криволак, Демир Капија и Мрзенци а во Грција, во Евзони, Акропотамис и Солун. Највозрасниот учесник е Владо Стојановски, кој пловел на сите досега одржани регати. Тоа што си го посакуваа, да стигнат до Солун, годинава треба да се случи.

-Досега 23 пати пловевме до Гевгелија, сега за првпат до Солун. Се остварува нашата најголема желба и моја лично, како кајакар да влезам во Егејското Море преку Вардар. Мислам дека тоа ќе биде моето најголемо доживување во животот, исполнување на сон. Го чекам овој момент 43 години. Ја продолжуваме традицијата на велешките гемиџии, на трговците кои од Велес пловеле до Солун и ја носеле нивната стока за продажба до бродовите. Вардар има 388 километри, а тие последните 80 за првпат ќе ги почувствуваме. Очекувам дека ќе нема проблеми при патувањето, кажа Стојановски за Македонска телевизија.

Организаторот, велешкиот извиднички одред „Димитар Влахов“, ќе има помош за реализација на Вардарската регата од грчки извидници од Солун.

-Се оствари сонот на многу генерации велешки гемиџии и годинава ќе пловиме до Солун. Во целост ќе пловиме како велешките гемиџии, кои во 19. век со гемии ја дистрибуирале нивната стока до Солун. Последниот ден од пловидбата треба да влеземе во делтата на Вардар, што е голем предизвик. Бевме неколкупати да ја проучиме патеката, ја познаваме ситуацијата и во оваа делта, каде што Вардар се дели на осум краци, водостојот е многу низок, кажа Ангелче Гушев, капетан на „Вардарската регата 2024“.

На годинашнава регата учесниците ќе бидат само со чамци, бидејќи годинава границата мора да се мине на суво, не по Вардар.

 

Претходна вестАнгелов: Трите „Ер трактори“ се нефункционални, со само еден активен пилот авионите не смеат да летаат
Следна вестСиљановска се сретна со претставници на организацискиот одбор на Парадата на гордоста