Како Стево Пендаровски ја запостави една од главните должности на македонските претседатели? Во Македонија постои само еден носител на функција кого што го избира целиот народ – Претседателот на Републиката. Таа или тој има еднаква политичка тежина колку и целото Собрание затоа што, исто како и законодавниот дом, го црпи мандатот директно од граѓаните на непосредни избори. Затоа една од клучните задачи на македонските шефови на државата е да се вложат во изградба на државен консензус по сите клучни национални прашања. Дури и губитникот на претседателските избори во вториот круг има свој „президенцијален момент” кога мора да смогне сили по поразот и да му честита на противникот, да повика на обединување зад победникот и да го легитимира целиот демократски процес на непосреден избор на шефот на државата (Стево Пендаровски и тука потфрли во 2014 година кога со своето одбивање да го признае поразот од претседателот Ѓорѓе Иванов симболично го фрли првиот балон со боја кон македонските институции во престојната „шарена револуција”).
Само консензусот дома ни овозможува компромис надвор, но разумен компромис кој што ги штити државните интереси. Оттука претседателот е и врховен обединител, па не случајно под негов патронат се наоѓа Советот за безбедност, како и лидерските средби каде што се дефинираат државните позиции за клучните национални прашања.
За жал, во вилата „Водно” цели пет години се наоѓа еден врховен раздорник. Стево Пендаровски припаѓа на најрадикалното крило кое што беше собрано околу Зоран Заев, СДСМ и „шарената револуција”. Од овој круг произлегоа сите овие чудовишни политики за чистки, хајки, откази, оцрнување, етикетирање и другите форми на брутален прогон на неистомислениците (да не ги заборавиме и трагедиите во надворешната политика, како и целосното запоставување на економијата и на потребите на граѓаните). Врховниот раздорник најчесто беше невидлив за јавноста, но постојано присутен кога требаше да се продлабочуваат поделбите и да се парафираат лошите одлуки. Врховен раздорник не може да се нарече себеси Претседател на Републиката, па оттука му е и рејтингот што се мери во промили.
На следниот шеф на македонската држава ќе му припадне и задачата да го обнови консензусот, да ги обедини граѓаните и да ја врати надежта. По пет години врховен раздорник, Македонија конечно заслужи претседател, Претседател на Републиката!