Колумна на Никола Тасев:
Целото внимание во Македонија е свртено кон изборите. Партиите ветуваат, ветуваат, па малку подметнуваат на својот противник, па анкети прават дека ќе победат, па… А граѓаните трпат, трпат и чекаат да дојде денот па да им кажат на политичарите колку им се верува на она што досега го сработиле… Чекаат и да дојде време да се почне со посериозна работа, оти со ова изборите отиде јабана и оваа година.
Токму заради тоа, лани, во моите пишувања и ТВ настапи посочував дека особено е важно изборите да бидат во септември-октомври 2023 година. Минатата година, како и претходните под раководство на СДСМ и ДУИ беа изгубени за Македонија, па неколку изборни месеци немаше особено да ја влошат состојбата. Но никако не смееше да се дозволи и оваа година да пропадне. А како што се гледа власта веќе арчи трети месец од годинава само за ни докаже дека многу ни е добро на сите во земјава.
Во Македонија, во овој предизборен период не се мисли на ништо друго, освен на 8 мај. Добро, може и треба да се разговара за изборите, ама власта е платена и да работи во меѓувреме. Но за важните проблеми тие немаат време.
А и за вистинските приоритети не се разговара, не се отвараат дебати и не се нудат решенија. Колкумина од вас, освен голата информација од Државниот завод за статистика за негативниот прираст на населението, прочитаа некаде некаква анализа? Или кој од вас слушна некоја изјава од фунционер со загриженост. За решенија не ни очекував дека од сегашната власт некој ќе даде. А ова е проблем кој треба да биде обединувачки за цела Македонија, затоа што ги засега и Македонците и Албанците и Турците…
Првиот загрижувачки момент е што во последниот квартал од 2023 година бројот на новородени деца е помал за 843 од бројот на починати лица. Вториот момент е што бројот на новородени деца е за 4,5 отсто помал од истиот период во 2022 година. И третиот загрижувачки момент е што оваа тенденција на негативен природен прираст се повторува неколку квартали наназад. Страшно!
И доаѓаме до болното сознание дека прокрај масовното иселување, што е огромен проблем на државата, и тие што остануваат дома се поретно се решаваат да оформат семејство и да имаат деца.
Кои се причите за тоа?
Па истите оние што ги бркаат македонските граѓани од дома, не им нудат сигурност и на тие што остануваат дома.
А финансиската сигурност е само една од причините, но не е единствена. Оти луѓето во Македонија се општо незадоволни од квалитетот на животот и системот на изместени вредности, каде што партиската припадност е светост. Од здравство до образование, од школување од вработување, од наградување до казнување… се е по партиски клуч. Обичен чистач не може да се вработи, ако не добие согласност од локалниот партиски комитет. А што да кажеме за раководни места, за напредок во кариера. Лек за болно дете не може да се добие или упис во градинка ако не се сврти телефон кај некое „божество“ од власта. Селата и помалите градови се испразнија, оти со години таму нема услови за живот. Власта ги заборави.
Македонска влада не направи ништо да го запре процесот на иселување, но и да ја промени тендецијата за негативен природен прираст. Затоа ова треба да биде еден од клучните приоритети на новата власт. Со исправна политика за широка локална децентрализиација да се подигнат, сега клекнатите, села и помалите градови.
Не е тоа невозможмо! Само треба добра стратегија и планско реализирање на зацртаното. Со правилно насочени инвестиции, селските пољани и двориштата наместо да зјаат празни, да се раздвижат и со многу дечиња да почне кревањето на Македонија!