ЕСМ: Пукната цевка, причина за нефункционирањето на блок во РЕК Битола

Во текот на изминатиот период, како резултат на направените анализи на пазарот на електрична енергија, направена беше набавка на електрична енергија, со поволни цени кои на АД ЕСМ му овозможуваат намалување на трошоците на работа. Токму поради тоа РЕК Битола планирано работеше само со еден блок.

-Во текот на вчерашната ноќ, поради пукната цевка, што е честа појава, Блокот со кој работеше РЕК Битола испадна од мрежа. Електричната енергија е надоместена од сопствените производствени капацитети и не е направена никаква дополнителна набавка на хавариска струја, и не е направен дебаланс на системот како што се шпекулира. Веднаш се започнати пуштачки операции за враќање на еден од блоковите на мрежа и денес во попладневните часови се очекува истиот да биде приклучен, информираат од ЕСМ.

Согласно планот за производство се очекува, како што додаваат, до крајот на неделата да биде ставен на мрежа и вториот блок, додека на почеток на следната недела се очекува сите три блокови да бидат на мрежа.

Претходно, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека РЕК Битола од денеска не произведува струја по хаваријата во Блок 3, а поради што во земјава се увезува скапа струја. Во објавата на Фејсбук ова партија тврди дека надвор од мрежа се трите блокови по тешка хаварија во котелскиот дел на БЛОК 3 која се случила синоќа, а веќе подолг период по тешките хаварии надвор од мрежа се Блок 1 и Блок 2.

Претходна вестСо раздвижени села и повеќе деца да почне кревањето на Македонија
Следна вестСе одбележуваат 81 година од фашистичкото депортирање на македонските Евреи во логорот на смртта