Се одбележуваат 81 година од фашистичкото депортирање на македонските Евреи во логорот на смртта

Македонија со тага се сеќава на погромот кој го доживеаја македонските Евреи. Со положување цвеќе пред споменикот на 7.144-те Евреи денеска во Скопје се одбележуваат 81 година од депортирањето на македонските Евреи во нацистичкиот логор „Треблинка“.

– Денеска им оддаваме почит на 7.144 Евреи од Македонија. На Марија, Пепо, Жоли, Бесале, Дора, Давид, Руфел, Јаков, Боена, Мари, Ештер и многу други Евреи од Македонија, кои загинаа трагично во логорот на смртта ,,Треблинка”. Седум илјади сто четириесет и четири Евреи од Штип, Битола и Скопје никогаш повеќе не ги видоа своите родни градови, рече претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви во својот говор.

Меѓу оние кои положуваат цвеќе, се и претседателот на државата, Стево Пендаровски, техничкиот премиер Талат Џафери, пратеници, амбасадори…

Инаку, еврејската заедница во Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија од 9 до 11 март 2024 година одбележуваат 81 година од холокаустот на македонските Евреи. Активностите почнаа вчера во Битола, со театарската претстава „Детето во пругасти пижами“ во Народниот театар.

За потсетување: На 11.03.1943 година, 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип се депортирани во „логорот на смртта“ – Треблинка што е и еден од највисоките проценти на депортирани Евреи во светот според бројот на население (98 отсто).

Евреите од Битола и од Штип биле собрани од нивните домови и затворени во Монополот – фабриката за тутун во Скопје, по што следела депортација. 7144 луѓе биле натрупани во Монополот без доволно храна, вода и хигиенски услови. Бугарските стражари сето тоа грубо го спроведувале и надгледувале. Многу мал број Евреи успеале да избегаат. Околу 165 лекари и странски државјани биле пуштени на слобода.

Во низа од три транспорти, кои започнале на 22.03.1943 година, бугарските окупаторски сили натовариле 7144 Евреи во добиточни вагони и ги придружувале до Лапово, каде требало да им бидат предадени на германските нацисти. По шест дена патување во нечовечки услови, Евреите пристигнале во Треблинка. Сите биле веднаш убиени во гасните комори во логорот.

Претходна вестЕСМ: Пукната цевка, причина за нефункционирањето на блок во РЕК Битола
Следна вестТешко повреден возач на мопед во сообраќајка во Скопје