Продолжува голготата на една третина од македонското население кое нема пасош со омилениот збор на власта – „северна“. Ама, пак, друг голем проблем за многуте македонски граѓани се реши минатата недела. Имено, се направи преседан, се дозволи гласање со истечени лични карти или пасоши, но само на оние чија важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите.
Треба ли да им кажеме браво на властите?
Мнозинството на ДУИ и СДСМ само покажаа дека кога се сака може да се најде решение со кое ќе се испочитуваат граѓанските права. Зошто вакво решение и олеснување не се најде и за граѓаните кои се уште имаат важечка патна исправа со старото име на државата, а кои од 12 февруари не може да излезат од земјава?
Бројни беа барањата да се изгласа промената со која употребата на овие патни исправи ќе се продолжи, се аргументираше дека тоа нема да предизвика никаков проблем во односите со Грција и други земји, но попусто… Владиното парламентарно мнозинство остана непопустливо и ги одби таквите барања бидејќи смета дека „непочитувањето на меѓународните договори би нанело штета на меѓународниот углед на државата“.
Власта која го направи огромното понужување и кршење на човековите права мораше да најде сили да го реши и овој проблем. И како тоа сега: лични карти со истечен рок – важат, а пасоши со важечки рок – се забрануваат за употреба?
Зарем на над 600.000 граѓани им останува смо една утеха: Ни забранија патување во странство, ама барем државата има меѓународен углед? Колку се утешени ќе се види на изборите.