Сноуден: Не можевте да го спасите Навални, но можете Асанж

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж се соочува со можна екстрадиција во САД. Тоа за многу луѓе во светот е неприфатливо и бараат да не се случи затоа што како што велат Асанж само покажал на светската јавност документи кои ја отсликаа вистинската политика на Вашингтон.

За ова реагира и познатиот американскиот „свиркач“, Едвард Сноуден, кој му порачува на „секој политичар и новинар“ дека иако не можеле да го спасат рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој почина во руски затвор на 16 февруари, сега можат да го спасат основачот на Викиликс, Асанж, кој се соочува со тежок долгогодишен затвор.

-Не можевте да го спасите Навални. Но сè уште можете да го спасите Асанж. Ако молчите сега, кога всушност можете да влијаете на исходот, никогаш не сте застанале во одбрана на принципите, само се надевавте на аплауз, напиша Сноуден на социјалната мрежа X.

Тој додаде дека „жртвата на „злосторството“ (новинарството) на Асанж е државата, а не личноста“.

-Тоа е дефиниција за политички престап, што договорот за екстрадиција меѓу САД и Велика Британија изречно го забранува, рече Сноуден, кој е во Русија од 2013 година, каде што доби азил и државјанство откако објави серија тајни документи за Американски и британски програми за мониторинг на светските комуникации.

Инаку, првиот ден од сослушувањето во врска со жалбата на Асанж против одлуката за екстрадиција на САД заврши во вторникот во Високиот суд во Лондон. Адвокатите на основачот на „Викиликс“ изјавија дека се работи за политички мотивиран случај и дека на нивниот клиент му биле прекршени човековите права.

Продолжението на судењето е закажано за денеска, кога пред судот ќе се обратат американските адвокати. САД бараат екстрадиција на Асанж за објавување тајни воени досиеја во 2010 и 2011 година.

Порталот „Викиликс“ на Асанж стана познат во 2010 година кога објави видео од американската армија во кое десетици луѓе, меѓу кои и двајца новинари на Ројтерс, беа убиени во напад на хеликоптери „Апачи“ во Багдад во 2007 година. По тоа, беа објавени илјадници тајни доверливи документи и дипломатски извештаи. Во САД, Асанж е обвинет за шпионажа по 17 точки, а доколку биде прогласен за виновен, може да добие и до 175 години затвор.

Претходна вестСтево Пендаровски – врховниот раздорник од вилата „Водно”
Следна вестПриложил оштетена лична карта на која се вршени преправки, приведен Косовец на „Блаце“