Стотици деца питачат по улиците, проблемот е далеку од решен

Бројката на деца на улица не може точно да се утврди. Центрите за социјална работа, граѓанските организации, Заводот за социјална дејност излегуваат со различни бројки, но реалната слика за децата што секојдневно се на улица е многу посериозна, истакна денеска Васка Бајрамовска-Мустафа, државен советник од канцеларијата на Народниот правобранител. Таа нагласи дека тоа укажува на потребата од многу поголем ангажман од надлежните органи.

Таа  ги презентираше наодите од истражувањето за состојбата со децата на улица во Македонија.

– Доколку тргнеме од фактот дека со новиот правилник за згрижување, на ниво на држава ние имаме само три дневни центри за згрижување на деца на улица – тоа е во Кисела Вода и двете во Шуто Оризари. И по законот, односно по правилникот ограничена е бројката до 24 максимално, што значи дека ако во просек кажеме, максималниот број не излегува повеќе од 70-80 деца кои се згрижуваат, но оваа бројка не е реална. Она што секојдневно го гледаме низ улиците, посебно во попладневните часови, укажува на многу посериозна бројка и ова е исто така една од препораките да се води системско следење на бројката, бидејќи со една бројка излегуваат центрите за социјална работа, со друга бројка излегуваат граѓанските организации, со трета бројка Заводот за социјални дејност. Ова е аларм дека навистина многу посериозно треба да се зафатиме со решавање на проблемот деца на улица, деца во социјален ризик, посочи Бајрамовска – Мустафа.

Таа рече дека праксата покажува дека ефектите од згрижувањето деца и работа со нив, очигледно не ги дава посакуваните резултати.

–Причините за појавата деца на улица сè уште не се сфаќаат сериозно, имајќи предвид дека најголем број се од ромската заедница, од семејства што живеат во многу лоши услови, без никакви можности за развој, нагласи Бајрамовска-Мустафа.

Канцеларијата на Народниот правобранител препорачува локалната самоуправа во секој еден град и место каде што има деца на улица, сериозно да ја мапира оваа појава и заедно со надлежните институции и родителите да ги тргнат овие деца и да им овозможи нормален раст и развој.

Претходна вестОд 606 станови во Скопје кои добија дозвола за градба во февруари 537 се во Карпош
Следна вестМалолетници краделе од возила по Аеродром, полицијата ги приведе