Странските изборни консултанти и домашната политичка глупост

Колумна на Ивица Боцевски:

Каква е улогата на странските изборни консултанти во домашната политика? Никогаш не сум можел да го разберам прескапото ангажирање на консултанти од странство во македонската политика. За да се води кампања во една земја потребно е прво совршено познавање на тамошниот актуелен политички момент, со сите негови суптилности и најситни детали. Потоа невозможно е водење кампања без блискост со кандидатот и со нејзината или неговата политичка партија, а тоа се стекнува исклучиво со години вложени во изградба на таков взаемен однос. Културата на една држава си е секогаш феномен за себе, а политиката извира од културниот образец на еден народ, посебно јазикот кој е најнепремостлива бариера за политичките консултанти од странство.

Балканот секогаш е непресушен извор на теории на заговор. Своевиден хит на сезоната сега се некакви Израелци кои што имаат експертиза во рушењето на опозицијата. Наводно истите тие ликови им помагале на Еди Рама, Александар Вучиќ, па дури и на Виктор Орбан. Не ја исклучувам можноста некои пробисвети да се моткаат по Балканот и да наплатуваат добри пари од нечија глупост, но знам дека албанската, српската и унгарската опозиција се во оваква јадна состојба од сопствената памет, а не од некакви магични израелски консултанти (изгледа овие консултанти не биле ангажирани или промашиле нешто во Македонија затоа што тука гледаме хаос кај власт, а опозицијата се консолидираше).

На приказните за туѓинските консултанти ме наврати неделава лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски со неговата изјава дека „на изборите во 2024 едниот блок ќе биде за Македонија да биде членка на ЕУ и вториот блок ќе гледа повеќе на Истокот колку на Западот”. Единствено некој странец кој што нема никаква врска со Македонија би можел да смисли олку промашена стратегија за СДСМ (и за ДУИ). Прашањето каде припаѓа Македонија тука е решено уште во 1989 кога последното еднопартиско собрание донесе резолуција за влез во тогашната Европска Економска Заедница, а првото демократско собрание ја потврди таа насока со едногласните резолуции за влез во ЕУ и во НАТО. Но, тоа не може да го знае некој странски изборен консултант, катапултиран во Македонија пред некој ден и со никакво познавање на земјата (а ни желба да ја запознае). Сепак, секоја им чест … Добро ќе ја наплатат туѓата глупост (во случајот на СДСМ).

Претходна вестМакедонските граѓани не можат да си дозволат нов автомобил: Лани продадени трипати повеќе половни отколку нови
Следна вест(Видео) Нова вулканска ерупција на Исланд