Страшен е бројот на починати од вирусот, Филипче ќе смени ли нешто во стратегијата?

Црниот биланс на корона вирусот вчера одново ги вознемири граѓаните: седум починати и вкупната бројка на 675 загубени животи од почетокот на пандемијата во Mакедонија предизвикува загриженост. Педесетина загубени животи во една недела, дневните просеци од седум до девет починати се алармантни.

Со 338 починати пациенти од вирусот на милион жители, Македонија има за 2,5 пати поголем просек од светскиот кој изнесува 120 умрени на милион жители. По ова сме на 21 место на светската табела на која има околу 200 земји. Имаме за неколку пати повеќе починати од една двомилионска Словенија каде се умрени 137 заболени, од една четиримилионска Хрватска со 240 починати, двојно повеќе од поголемата Грција…

Сето ова води кон прашањето дали е време нешто да се менува во стратегијата, можеби и да се побара помош…

-Мислам дека е време Македонија да побара помош од некоја европска земја за лекување на заболените. Не е срамота тоа, но греота е упорно да тераш една иста политика со вакви поразителни резултати. Екипирајте се…. Владава што чека… пак ли да бидеме први по лоши вести во Европа, му порача вчера еден граѓанин на министерот Филипче на неговата страница на ФБ под објавата за дневниот биланс.

Министерот и здравствените власти и порано и сега објаснуваат дека заболените доцна се јавуваат за лекување, дека имале претходни заболувања, дека болеста е непредвидлива… Но, се уште не најавуваат дека нешто ќе менуваат во справувањето со Ковид-19. Се даваат предупредувањата дека есента ќе донесе засилување на вирусот и со појавата на грипот, но и покрај тоа не се презема многу нешто освен совети за носење маски, дезинфекција, држење дистанца…

Претходна вестПроменливо облачно со северен ветер
Следна вестЗаврши ли владината решителна борба со дивоградбите?