Со марш од Владата да Министерството за образование студнети од повеќе универзитети во земјава ќе побараат повеќе права и подобар стандард денеска на Меѓународниот ден на студентите. Маршот ќе започне попладне во 17.30 часот во организација на Универзитетските студентски собранија на повеќе универзитети во земјава како и движењето „Студентски отпор“. Кон првичните најави за студентски марш на движењето „Студентски отпор“ се приклучија и универзитетските собранија при УКИМ, Штуловиот универзитет, ФОН, Американ колеџ, ФОП, универзитетите од Битола и Штип.
Основни барања се државата да одвои повеќе пари за подобрување на условите во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки и целосно спроведување на Законот за студентски оброк и зголемување на сумата, изедначување на стипендиите, подигнување на квалитетот на образованието и дигитализација.
-Ги повикуваме сите кои се вклучени активно во образованието меѓу кои, средношколци, професори, декани и ректори да ни дадат поддршка и да се приклучат на маршот! Ајде сите заедно да се избориме за нашите студентски права и подобар студентски стандард! Оваа борба е заедничка и само сплотени и заедно ќе успееме да ги заштитиме нашите права и барања, се вели во повикот на социјалните мрежи.
Студентите неодамна беа револтирани од предлог-законот за субвенциониран оброк, којшто по бурните реакции беше повлечен. На средбата во понеделникот меѓу претставници на студентите со пратениците, министерот за образование Јетон Шаќири и премиерот Димитар Ковачевски, беше постигнат договор за субвенционираниот студентски оброк. Дел од студентите, коишто протестираа пред Собранието, посочија дека имаат цела листа на барања која очекуваат да биде исполнета.
Тие бараат издвојување средства од буџетот за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно, издвојување средства од буџетот за израмнување на сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите, издвојување средства за реновирање и обезбедување нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање „студентски градови”, а бараат и стопирање на најавената приватизација на студентските домови и издвојување доволно средства за изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја.
Од Владата вчера порачаа дека се подготвени да со слушнат гласот на студентите, коишто се иднината на земјата и се подготвени за изнаоѓање решенија за проблемите со кои тие се соочуваат.