Свадби надвор ама кластери дома- критика и внимателност за Бајрам и Богдановиќ за неносење маски

Викендот што измина македонскиот интернет простор беше преполн со видеа од свадби кои заради забраната кај нас, се направија надвор од Македонија. И тоа на функционери од власта.

Едната, која особено го привлече вниманието заради гламурот и бројот на гости но и локацијата каде се правеше – на внуката на Амби Бајрам, Перјан Бајрам. Имено откако минатата недела се прошири информацијата дека во скопски ресторан ќе се мажи внуката на Бајрам со стотици гости, па потоа токму Амди Бајрам демантираше, викендов свадбата се организираше, ни повеќе ни помалку – туку во Истанбул, на Босфор, со околу 600 гости. На видеата што се објавени на порталите и се шират по социјалните мрежи се гледа дека никој не носи маски освен келнерите во ресторанот и на бродот.

Но, не е само Бајрам, викендот се ожени и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, на Косово, во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Грачаница. И на нивните фотографии никој од присутните гости не носи маска иако мора да се нагласи дека славениците се во мал број.

-Не навлегувајќи во приватните одлуки за организирање свадба надвор од нашите граници, но кој ќе биде одговорен ако се случат кластери токму од свадбите во Истанбул и Косово, кога ќе се вратат дома?
-Секој има право да се организира како што сака, но носењето маски е основната препорака што непрестајно ја повторува министерот Филипче, а и двајцата главни улоги на свадбите се функционери во власта. Ако тие не почитуваат мерки, каков пример се за нас обичните граѓани што за неносење маска дома плаќаме казни?
-На свадбиве нити има маски, нити дистанца, каков пример се луѓево за сите нас од кои тоа се бара? – пишуваат скопјани на електронската пошта на „Скопско ехо“.

Честитки за влегувањето во брак треба да има, но и ширум отворени очи да не прославите донесат проблем.

Претходна вестПожар избувнал во маркет на булеварот Партизански одреди
Следна вестПроекција на „Иднината започнува денес“ вечерва во МНТ