Свечено затворање на Охридско Лето со театарската претстава „Алиса во земјата на стравовите“ на Југословенски драмски театар од Белград

Со претставата „Алиса во земјата на стравовите“, во режија на Александар Поповски и во изведба на Југословенски драмски театар од Белград, Србија, вечерва во 21 часот, во Античкиот театар во Охрид, свечено ќе биде затворено годинешново 64. издание на најголемата културна манифестација во државата „Охридско лето“.

Драматичниот текст на Ева Махковиќ е инспириран од епизоди од книгата „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Керол.

Кога била мала, Алиса верувала дека дури и пред појадокот може да се случат шест невозможни работи. Во претставата таа сега е возрасна жена во своите триесетти. Треба да има кариера, семејство, да биде исполнета, стабилна, порасната. Она што го има е нов психотерапевт со кој патува во главата…

-Кога беше мало девојче, таму ја чекаа чуда, гасеници со наргиле, карти за разговор, насмеани мачки, колачи и чај, хистерични птици. Тоа беше свет во кој секој чекор беше ново возбудување, свет на можности за бескрајни чуда. Сега има само земја исполнета со сомнежи и стравови. Сепак, сè уште постои можност за чудо… Тик-так, тик-так, часовникот отчукува. Биолошки или вистински, не е важно, времето вечно лета. Освен ако не стои. Дали се вклопува? Дали е можно да се запре? Колку време има и за што, и дали сите го имаме подеднакво? И дали се плашиме од времето затоа што околината ни го наметнува тој страв или навистина го чувствуваме? Во земјата на стравот, како и во земјата на чудата, сè се случува одеднаш, предвреме или истовремено, сите брзаат, но секогаш доцнат. Низ таков и таков свет, новите Алиси се обидуваат да го трасираат својот пат…, стои во најавата на претставата која својата премиера ја имаше во 2022 година.

Во претставата улогите ги толкуваат: Милена Радуловиќ, Небојша Љубишиќ, Слобода Миќаловиќ, Радован Вујовиќ, Милан Мариќ, Јована Беловиќ, Ива Манојловиќ, Тамара Сустиќ и Денис Муриќ.

Сценографијата е на Нумен/Фор Усе и Вања Магиќ, костимографија на Миа  Поповска, а музиката на Марјан Неќак.

Претставата, која трае 2 часа и 10 минути, не е наменета за лица под 14-годишна возраст.

Инаку, Александар Поповски е роден во Скопје во 1969 година. Дипломира филмска и театарска режија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а професионалното деби во театарот го прави во 1992 кога режира претстава на текст на Дејан Дуковски. Досега режирал дела од: М. Иваскевичиус, В. Шекспир, Г. Стефановски, М. Сервантес, Б. Стокер, Б. Србљановиќ, Г. Бухнер, Ж.Б. Молиер, А. Ласиќ, М. Мекдона, С. Грам, А. Чехов, Б. М. Колтес, Д. Хармс и Ф. Г. Лорка. Многу од претставите кои ги режирал се во националните театри во државата, но и во Данска, Србија, Словенија, Хрватска, Австрија, Велика Британија, Италија, Шведска, Грција и др. Неговата кариера како филмски режисер започнува во 1993 година со омнибусот „Светло сиво“ (Митревски-Поповски-Јанаќиевиќ) продуциран од ТРФЗ Пегаз, Македонија. Во 1995 е корежисер на ТВ серијата „Уа, шнајдери!“ (со Дарко Митревски) за МРТВ.  Во 1998 заедно со Дарко Митревски го режира филмот „Збогум на 20 век“ во продукција на Прва партизанска продукција. Во 1999 овој филм ја добива наградата на Фестивалот во Хелсинки за најдобар фантастичен Европски филм како  и награда на фестивалот во Њујорк за најдобра монтажа и сценографија, наградата „Крал Нобел“ на првиот Интернет филмски фестивал во Брисел, како и награда за најдобро актерско остварување на Фанта Фестивалот во Рим. Во 2008 Александар Поповски го режира краткиот филм „Метаморфози“ копродукција на „Кино Око“ и Прва партизанска продукција, а го снима и филмот „Балканот не е мртов“ за „Кино Око“.  Визитинг професор е на Универзитетот за уметности во Грац, а од сезоната 2018/19 е уметнички директор на Драмата при народниот театар во Марибор. Од 2003 е професор на Универзитетот за драма во Будимпешта каде што предава театарска режија.

Претходна вестНа Табановце за излез и влез зголемена фреквенција на возила
Следна вестПочина Вера Ќосевска, една од најзначајните архитектки во земјава