Родителите на детото Ѓорѓи од струмичките села го донеле кај отец Гаврил бидејќи не можело да зборува. За време на вечерната служба отецот го однел детето во храмот и му прочитал молитви, а се молел и наредниот ден. Откако завршила утринската литургија и детето се причестило, наеднаш подигнало раце нагоре и рекло: „Мамо“…
Друг пат, во храмот втрчале испаничени родители бидејќи колата удрила во нивниот син. Отецот само им рекол: „Одете, детето ќе биде дома здраво и живо…“. Така и било.
Ова се само дел од чудата кои се врзуваат за Светиот епископ Велички Гаврил Светогорец, кој беше достоинственик на Македонска православна црква – Охридска архиепископија, и кој почина на денешен ден пред 34 години, на 12 јануари 1990-та година. МПЦ-ОА го канонизира како светител во мај 2017-та година. Тој со сето она што го направи како духовник на македонските простори, остави голема трага во народот на чие добро тој му се посветуваше.
Епископот Гаврил имаше интересен и возбудлив животен пат. Роден како Мијалче Парнаџиев на 10 март 1926 година во Штип во благочестиво патријахално занаетчиско семејство таму и го завршува основното и средното образование. Од 1944 година бил учесник во НОВ, прво како партизан, а потоа во 1947 година бил прекомандуван во Корпусот на народната одбрана, во единици стационирани на граница, како специјални одреди составени од одбрани борци. Поради големата ревност во службата и примерно однесување бил предложен и за прием во Комунистичка партија, но поради тоа што „одел в црква” изостанало примањето во членство.
По демобилизацијата се запишал на Факултетот за ликовни уметности во Белград и по што се враќа за да работи како професор по уметност и историја на уметноста во гимназијата и Учителската школа во Штип. Покрај работата во училиштето, како професор, епископот Гаврил работел и како скулптор и неговите прекрасни експонати се наоѓаат низ парковите во Штип, но и на други места.
Од 1963 година почнува вториот период од животот на Гаврил кога заминал во Грција со цел да остане како монах во Света Гора. Таму останува долги низ години и е замонашен.
Сепак, се враќа во Македонија каде почнува да престојува во повеќе манастири за да во декември 1975 година бил назначен за игумен на Лесновскиот манастир, а во 1981 година го добил и архимандритскиот чин. Осум години подоцна, со одлука на САС на МПЦ, е хиротонисан во епископски чин, со титула епископ Велички и меѓу народот е веќе познат како редок испосник и подвижник, како духовник чијашто главна цел му е благосостојба на бројните христијански верници. Младите ги воведувал во верата, постарите ги советувал како правилно да постапуваат, оние кои грешеле ги учел како да се вратат на вистинскиот пат, се молел за болните…
Пишувал и книги при што се познати неговите дела: „33 песни за Ерусалим” (1975), „Света Гора – Небесна земја” (1978), „Пред најголемиот јубилеј на човекот” (1980), „2000-годишнината на христијанството е на прагот” (1981), „Чудата на пресвета Богородица” (1984, превод), „Правила и одредби на Православната Црква за постот” (1994), како и други научни студии со богословска, историско-национална и уметничка содржина.
Остана забележано и тоа дека на 12 јануари 1990-та година, во својата скромна ќелија во Лесновскиот манастир епископот Гаврил спокојно си отиде при Господа. На закопот присуствуваа илјадници верници. Сегашниот поглавар на МПЦ-ОА г.г. Стефан за него запиша и следното: „Поради неговата пламена љубов кон Бога и ближните, како и поради неговата самопожртвувана сеоданост кон православието, Господ Бог ќе го насели во своите предели, за да се моли и тој за нас, своите грешни чеда, пред Божјиот Престол…”