Светски ден на бубрегот, во државава 1.540 лица на дијализа

Во државава се проценува дека хроничната бубрежна болест е застапена кај 10 отсто од населението, додека во краен стадиум на болеста на лекување со дијализа се 1.540 лица, покажуваат податоците на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“.

Здружението под мотото „Унапредување на пристапот до нега и оптимално лекување на бубрежно болните лица“, денеска ќе го одбележи Светскиот ден на бубрегот.

Светскиот дел на бубрегот се одбележува секој втори четврток од март во повеќе од 150 земји ширум светот.  Кај нас се одбележува по 19-ти пат, под покровителство на Меѓународното здружение за нефрологија (ИСН) и Меѓународната федерација на бубрежни фондации (ИФКФ).

На настанот што го организира Здружението „Нефрон“, како што е најавено, ќе се обратат претставници од институциите и ќе одржат стручни предавања со цел едукација на членството, но и подигнување на свеста за превенција на бубрежните болести, нивно рано откривање и изнаоѓање можности за навремен соодветен третман.

Според претседателот на „Нефрон“,  Душко Ѓоргиев, и покрај постигнатото унапредување во пристапот и значајно подобрените услови за лекување со дијализа во земјава, како приоритет останува зголемувањето на превентивната заштита и достапноста на соодветни нови лекови за сите пациенти.

Како најчести причини за откажување на бубрезите, од Здружението „Нефрон“ ги посочуваат дијабетесот и кардиоваскуларните болести.

– Трансплантацијата како од жив донор и кадавер, е, предизвик и на истата мора многу да се работи за да се одговори на потребите на пациентите, смета Ѓоргиев.

Во земјава до јануари беа извршени над 500 трансплантации на Клиниката за урологија, од кои 85 се кадаверични. Хроничната бубрежна болест се наоѓа на осмо место како водечка причина за смртност во светот и доколку не се преземат сериозни мерки, ХББ се очекува да биде петта причина за смртност до 2040 година.

Министерот за здравство, Илир Демири, и генералниот директор на „Дјиаверум“, Димитар Клисаровски вчера информираа дека е обезбеден бесплатен скрининг за 2.000 пациенти во ризик од хронично бубрежно заболување. Скринингот почнува овој месец, ќе трае четири месеци. На граѓаните што се во ризик за развој на хронично бубрежно заболување ќе им се јават од страна на здравствените установи и ќе бидат повикани на бесплатен преглед. Скринингот ќе ги опфати следните градови: Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Охрид, Дебар, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Железара, Визбегово, Делчево, Гевгелија, Штип, Кочани, Струмица, Куманово и Крива Паланка.

Претходна вестРутински бодови за Пелистер против Вардар
Следна вестПоведена дисциплинска постапка против инспектор за разузнавање, командир и помошник-началник