Свидетелствата се делат, колку од петките се заслужени, а колку подарени?

Заврши учебната говина, се напишаа оценките, се делат свидетелствата. Дали оваа година се успеа оценувањето да биде соодветно на знаењата на учениците? По многу нешта оваа учебна година не беше вообичаена, се направи ли напор оценувањето да не трпи поради тоа?

Околу дваесетина одлични ученици, десетина многу добри и неколкумина со успехот добар е резултатот кој на крајот од учебната година е забележан во деветто одделение на едно скопско основно училиште. Податокот не би била значаен доколку не се работело за клас во кој до сега имало едвај неколкумина „одликаши“… Учениците наеднаш многу запнале или…?

А вакви ситуации и поправања на оценките се чини, се присутни и во други скопски основни и средни училишта. Всушност, ова не е карактеристика само за годинава…

Наставничка Анета Велкоска од скопското основно училиште „ Браќа Миладиновци“ ни рече дека таа воопшто не го оправдува масовното поправање на оценките.

Оваа учебна година завршува поинаку од претходните. Во изминативе месеци имавме неформално учењенемавме јасна претстава околу степенот на стекнатите знаења на учениците или пак нивниот индивидуален пристап. Секако, тука голема помош имаа од своите родители. Како наставник сум поборник  оценката да е одраз на стекнатото знаење на учениците. Не можеме да ги ставиме на исто ниво учениците кои се редовни во учењето и оние кои делумно ги совладале стекнатите знаења за на крајот да се оценат со оценка 5. Секогаш постоеле подарени оценки, но јас сум поборник за заслужени оценки. Но, доколку се работи за една оценка која треба да го подобри просекот на ученикот или на ученик да му се поправи само една оценка за да биде со сите петки би направила исклучок, вели ова наставничка.

Колку за потсетување, пред две години во скопската гиманзија „Орце Николов“ се донесе одлука да бидат примени 330 одлични ученици иако со конкурсот имаше само 285 слободни места и беше предвидено тестирање. Во средно образование, на пример, во учебната 2008/2009 година имало 600 ученици средношколци што ја повторувале годината. Во учебната 2016/2017 година, во државава имало 326 повторувачи. За неколку години, двојно се намалила оваа бројка

-Ако треба да одговорам на прашањето дали и оваа, волку драматична учебна година, системот на оценување ќе биде имун на притисоци и веќе одамна присутното поправање на оценките, би рекла дека годинава секој од нас веќе го доведе во прашање сопствениот критериум во битката со објективноста, водејќи сметка за околностите во кои се одвиваше наставата последниве месеци. Во тој контекст, не очекувам драматично “штанцање ” и поправање на оценките, затоа што вонредните услови дефинираа и вонредни сфаќања на ученичките знаења, можности и залагања и го спуштија прагот на нашите очекувања. Инциденти случаи се можни, секако, но она што загрижува сепак е фактот дека праксата на губењето на вредносните критериуми опстојува предолго време и се чини дека се потребни многу зафати, кои оваа матрица ќе ја сменат. За жал, тоа не го гледам како напор од страна на ниту еден чинител, вклучен, секој со своја улога во воспитно-образовниот процес, вели за „Скопоско ехо“ Елизабета Секирарска, професор во кумановското средно училиште „Перо Наков“.

Колку се заслужени, а колку подарени петките? На ова мора надлежното министерство и разните образовни институции (кои дебело се платени) да размислуваат за следната учебна година. Оваа се чини ја испуштија.

Праксата на прогледување низ прсти на одбрани ученици и на нивните родители кои притискаат милите им дечиња да бидат одлични, мора да се искоренува. На Македонија и требаат младинци што знаат, а не што имаат полни свидетелства со петки.

Претходна вестКривичен суд: Пресудата за убиството на младинецот во Н. Лисиче е донесена во непристрасна постапка
Следна вестПет починати, 103 новозаразени од корона ворусот