Тасевски: Нема да не исплашат, не исклучуваме и тотално затворање на воздушниот сообраќај

Не сум се заканувал никому, а пријавите од двајца директори против мене се обид да се откажеме од нашите намери, изјави денеска претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски. Тој рече дека во МВР вчера му била презентирана пријавата на двајца од тројцата директори, Фахрудин Хамиди и Хасим Деари врз база на мејл доставен до нив, поради загрозеност на нивниот живот и сигурност.

– Најодговорно тврдам дека содржината на тој мејл нема закани. Од друга страна, сметам дека тенденциозно се интерпретира погрешно, за да се искористат против мене, како претседател на Синдикат, за да се откажеме од нашите намери, како и против останатите кои тргнаа да застанат и да си ја одбранат професијата, рече Тасевски.

Тој рече дека во настаната ситуација не се исклучени и штрајковите, но не само на контролорите на летање, туку на сите вработени во М-НАВ со тотално затворање на воздушниот сообраќај. Според него, од денеска ќе има депонирање на оставки од контролорите на летање, помошниците контролори на летање, лица на раководни функции, оставки од проекти. На вакви позиции се 20 до 30 луѓе, за кои се очекува да дадат оставки.

Тој кажа дека оваа ситуација е крај дека веќе не може да се продолжи да се работи на ваков начин со притисок кон вработените. Тој напомена дека ова е првиот чекор, а штрајк ако се организира тоа ќе биде веќе тотално затворање на македонското небо.

-Од денеска ќе се започне со депонирање на оставки од сите контролори на летање од сите оние кои имаат раководни позиции, инструкториски функции, шефови на смени. Ќе почне нивно повлекување од сите проекти на кои тие се вклучени. Со самото тоа ќе се даде поддршка не само на мене како претседател на овој синдикат туку ќе се даде поддршка на сите оние активности на синдикатот на летање како и на оние чекори кои следуваат понатака. Ќе се даде воедно поддршка на сите оние инженери и техничари кои ги депонираа своите оставки од позиции и места во проекти како такви, рече Тасевски.

Причините се вработувањата, кои според Синдикатот, се наместени за кадри кои не се соодветни за тие функции.

-Огласот е контроверзен по многу основи. Конкурсот за вработување ќе се спори со многу аргументи. Ќе се спорат претходни вработувања на директори во М-НАВ. Кандидатите немаат ниту рок на жалба, посочува Тасевски.

Претходна вестЗаврши санацијата на Железничкиот мост на Црна Река, од утре повторно товарен железнички сообраќај Скопје-Гевгелија
Следна вестМигранти од Кина пронајдени во двор во Гевгелија