Александар Ѓорчевски, таткото на убиената 14-годишна Вања, на денешен распит пак негирал дека кажал на грабнувачите кога таа ќе излезе од дома. Агенцијата „Макфакс“ објави дека тој ја негирал секаква вмешаност во киднапирањето на неговата ќерка кое се случило во утринските часови на 27 номеври.
Од Обвинителството само кусо известија дека распитот на таткото завршил и дека тој во основа негира вмешаност. Својата вмешаност тој ја отфрли и во синоќешниот исказ кога му беше определен притвор.
Вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и обвинителот Гаврил Бубевски известија дека двјаца од приведените во исказите кажале дека информациите за тоа кога убиената Вања Ѓорчевска ќе излезе сама од дома ги добиле од организаторот Љупчо Палевски – Палчо, кој, пак, им кажал дека ги добил од таткото.
На поконкретно прашање дали таткото е директно инволвиран, Бубевски вчера рече дека сега се утврдуваат врските, односно дали се работи за организирана група и дали сите се со ист мотив.
-За таткото засега имаме докази дека посредно учествувал во информирањето кога девојчето ќе излезе од дома за да биде земено. Немаме сознанија дека е вмешан во мотивот за убиство. Едно од осомничените лица кажа дека информациите за девојчето ги има од таткото. Според мене, од исказите се гледа јасна хронологија на нивните дејствија, па немам сомнеж во исказите, рече Бубевски.