Таткото на Вања повторно бара слобода од Врховниот суд

Емотивно и во солзи, Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска денеска повторно побара Врховниот суд да му го укине притворот. Тод рече дека неосновано е осомничен за помагање на убиството на неговата 14 годишна ќерка и дека и тој сакал да ја дознае вистината.

-Се соочувам со апсурдни обвинувања до апсолутност. Во моментите кога не можев да пуштам ниту глас, ниту солза, бев обвинуван во полициска станица и тоа за работи што не ми се јасни и не ги разбирам.  Ми одзедоа се. Не сум веќе ни родител ни татко, ехо од човек остана од мене. И јас водев моја истрага. Би сакал да го дознаам идентитетот на луѓето што го направија ова и сите тие се подеднакво виновни, изјави тој пред Судот.

Во меѓувреме, како што истакна неговиот бранител, адвокатот Владимир Туфегџиќ, семејната трагедија што ја преживува неговиот клиент ескалира бидејќи тој нема контакт со другата ќерка, односно не му е дозволено да го види своето друго дете, поради што во случајот морал да се вклучи Центарот за социјални работи. Во Центарот за социјални работи викнати биле мајката на Вања Ѓорчевска, таткото Александар и сестрата на Александар.

Неговиот бранител адвокатот Владимир Туфагџиќ тврди дека Ѓорчевски е неосновано во притвор. Пред врховните судии истакна дека не постои опасност од бегство бидејќи неговиот клиент нема важечки патни исправи. Тој ја отфрли можноста дека може да влијае врз истрагата, бидејќи пред само неколку денови, Александар бил сослушан во притвор, дал корисни информации, а го отклучил и мобилниот за вештачење.

Според одбраната, причина за состојбата во која се наоѓа таткото на Вања се непроверените информации објавени на прес конференција по неговото апсење.

За убиството на 14 годишната Вања осомничени се уште три лица кои моментално се во притвор, а првоосомничениот Љупчо Палевски чека екстрадија од Турција. На сите им се припишува и убиството на велешанецот Панче Жежовски.

Апелацискиот суд Скопје на 2 април по службена должност го продолжил притворот на Ѓорчевски за нови 30 дена, по што тој го искористил рокот од 48 часа да поднесе жалба на одлуката на Апелација до највисокиот суд во државата, што му го овозможува Законот за кривична постапка. Инаку, ова ќе биде втора јавна седница во највисокиот суд во државата во врска со продолжувањето на притворот на таткото на убиената Вања Ѓорчевска. Претходно Врховен одржа јавна седница на 13 март по која соопшти дека Советот за кривични дела ја одбил како неоснована жалбата и го потврдил решението на Апелацискиот суд Скопје.

Претходна вестЧетворица повредени во сообраќајка на патот Велес – Градско
Следна вестТаткото на убиената Вања оди во домашен притвор