Позитивна политичка тензија има денеска во Македонија. Сите се во исчекување, претседателот Стево Пендаровски напладне ќе има годишно обраќање во Собранието.
Што ли важно за државата и нацијата тој ќе каже овој пат?
Обраќањето на шефот на државата е согласно член 85 став 1 од Уставот, во кое ги известува пратениците за прашања од негова надлежност и е единствена точка на дневниот ред на 134. собраниска седница.
Тензијата е уште поголема ако се знае дека ова обраќање во Парламентот му е последно во неговиот претседателски мандат.
Можеби ќе прозбори за корупцијата, на таа тема прилично решително и до сега тој кажуваше:
-Избраните и именуваните функционери мора да работат и да градат, без да крадат. Воедно, мора да разбереме дека малата сума не ја прави корупцијата помалку сериозна. Независно дали станува збор за 500 или 500.000 денари, корупцијата е корупција и не смее да се толерира, порача неодамна шефот на македонската држава Стево Пендаровски.
Може и овој пат како и во многу прилики до сега ќе зборува за потребата од национално единство:
-Мора да ги надминеме нашите поделби и да се обединиме околу заедничката цел – демократска и функционална правна држава со еднакви можности за достоинствен живот, често истакнуваше Пендаровски.
Можеби пак ќе се обрати со благодарност до ЕУ:
-Се заблагодаруваме за поддршката и посветеноста од ЕУ на политиката на проширување и интеграција на земјите од Западен Балкан, неколкупати до сега истакнуваше претседателот.
Можеби… Едноставно, претседателот имаше многу работи кои ги кажа минатиов период и за безбедноста и за стопанството и за иселувањето од земјата. Тој знаеше дури и историја, а па и што по националност се некои од големите дејци…
Но, можеби овој пат ќе каже што од неговите ветувања, заложби и укажувања за доброто на Македонија се остварија во неговиот мандат. По што и ќе каже дали ќе се кандидира за уште еден престој во вилата на Водно.
Среќа тензијата нема долго да трае, уште малку па ќе дојде пладне.