Терористичкиот напад кај Москва, најмалку 60 убиени, ИСИС ја презеде одговорноста

Страшен терористички напад со многу убиени во град блиску до Москва. Синоќа, според првичните податоци, повеќе од 60 лица загинаа во терористичкиот напад на концертната сала на градското собрание Крокус во московската област. Од Рускиот истражен комитет посочуваат дека бројот на жртви може да се зголеми.

Нападот се случил пред концерт во Красногорск кај Москва при што имало многу пукање и бил предизвикан пожар. Министерот за здравство Михаил Мурашко изјави дека се хоспитализирани 115 лица, од кои пет деца, пренесува РИА Новости. Според него, во тешка состојба се 60 возрасни и едно дете.

Дописникот на РИА Новости, кој бил присутен кога се случило пукањето, известил дека најмалку тројца мажи во маскирни униформи упаднале во салата, пукале во луѓе од непосредна близина и фрлале запаливи бомби.

Исламската држава ја презеде одговорноста за нападот кај Москва, преку својот канал на Телеграм.

-Борците на Исламската држава нападнаа голем собир на христијани во предградијата на руската престолнина Москва, убивајќи и ранувајќи стотици и предизвикувајќи големо уништување на локацијата пред безбедно да се повлечат во своите бази“, истакнаа тие, пренесува Макфакс.

Локалните медиуми од Москва јавуваат дека еден од учесниците во подмолниот напад е уапсен.

Московскиот градоначалник Сергеј Собјанин објави дека по пукањето во концертната сала, сите јавни настани во текот на викендот се откажани.

Инаку, американската амбасада во Русија претходно овој месец објави дека „екстремисти“ имаат планови да ја нападнат Москва во блиска иднина. Таа го издаде предупредувањето само неколку часа откако ФСБ, објави дека спречила напад врз синагога во Москва од страна на милитантна сунитска муслиманска ќелија која и припаѓа на Исламската држава.

Претходна вестЗа четири дена два случаја: Возач на ЈСП нападнат во село Бојане
Следна вестСончево со мала облачност и умерен ветер