Булеварот „Партизански одреди“ во скопската населба Влае во Карпош е затворен за сообраќај поради тешка сообраќајна несреќа која се случила помеѓу две возила во раните утрински часови.
Сообраќајка се случила под преминот „Влајко“, во непосредна близина на бензиската пумпа „Макпетрол“. Во сообраќајката учествувале две возила, од кои едното е речиси пресечено на половина, најверојатно од силината на ударот.
МВР соопшти дека во сообраќајка се повредени три лица.
-Денеска во 02.25 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од бул.„Партизански одреди“ и ул.„Ангел Динев“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „Шевролет“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.С.(32) од Скопје и патничко возило „Ауди“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.А.(27) од с.Сарај, скопско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Е.С., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“. Возачот Б.А. се здобил со телесни повреди констатирани во Градска општа болница „8 Септември“, додека неговиот сопатник И.А.(32) од с. Љубин, скопско, исто така, се здобил со телесни повреди констатирани во Градска општа болница „Св.Наум Охридски“. За настанот бил известен јавен обвинител, а увид извршила увидна екипа од СВР Скопје, стои во соопштението од МВР.
Според очевидци, ударот настанал на самата крстосница. Едното возило се вклучувало на булеварот, а другото се движело по него со огромна брзина.
Едниот дел од преполовениот автомобил завршил на околниот тревник, додека другиот е во непосредна близина на „Влајко“.
Целиот сообраќај од овој дел на булеварот „Партизански одреди“ кон Центар се пренасочува пред училиштето „Димо Хаџи Димов“, па на улицата „Адолф Циборовски“.