Проблеми на Клиниката за токсикологија во Скопје. Имено, тамошната економска директорка Бесија Иљази инсистира да се вработат 18 лица со истечени договори на дело, а не дозволува вработување на двајца дипломирани биолози и еден болничар кои се неопходни. Ова го истакна д-р Нико Беќаровски, раководител на Одделението за интензивна нега на Клиниката кој заедно со уште пет докторки од Стручниот колегиум реагираа на односот на Иљази.
Д-р Беќаровски истакна дека немаат притисок од директорката затоа што нема комуникација меѓу нив, а и после секој состанок на стручните колегиуми таа не ги почитува договорите.
-Последниот состанок беше пред две и пол недели. Таа не знае македонски, јас пробав да комуницирам на англиски јазик, и не знам дали ме разбра. Сите разговори ѝ ги преведува друго лице, кое е меѓу тие 18 лица за кои таа инсистира да се вработат, рече д-р Беќаровски, пренесува „А1 он“.
Поради сето ова, во моментов не функционира Токсиколошката лабораторија, па докторите се снаоѓаат со тестови и со еден лаборант, и тие им се за нивна внатрешна употреба чисто да знаат за какво труење станува збор.
Оние 18 лица на кои им се истечени договорите, а директорката сака да им ги продолжи, д-р Беќаровски кажа дека иако немаат никаква обврска, доаѓаат на работа, облекуваат мантили и доаѓаат и на визита.
-За шест години се сменија и министри и пет директори. Секој си носеше свои кадри и стигнавме до седум-осум административци и две-три секретарки, кажа д-р Беќаровски.
Економската директорка Иљази која на функцијата е од 14 февруари, ги повика новинарите во сала после прес-конференцијата на лекарите и почна да зборува на албански јазик. Новинарка ја праша дали ќе се обрати на македонски, таа возврати на албански јазик. Колегите од албанските редакции на новинарите Македонци им кажаа дека рекла „не“, по што тие си заминале.
Инаку, пред малку министерот за здравство најави разрешување на медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија. Но, за економската директорка немал сознанија дека направила прекршок.
Фото: Архива