Термин за итна постапка за фотографирање за пасош во Скопје се добива за еден ден, соопшти утрово техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски. Според него, реорганизацијата и зголемувањето на капацитетите во делот на управните служби даваат резултат.
-Повеќе нема чекање со месеци за фотографирање за пасош по итна постапка во Скопје и од денес граѓаните кои ќе побараат термин, ќе го добијат за истиот или наредниот ден, објави Тошковски на социјалните мрежи.
Министерот соопшти претходно и дека со новиот модел на достава на личните карти на граѓаните во Скопје доставени се четири и пол пати повеќе лични карти.
-Пред две недели го укинавме претходно воспоставеното решение за достава на лични карти според кое полициски службеници ги доставуваа личните карти на домашна адреса на граѓаните и воведовме нов механизам за достава така што граѓаните можат во било кое време да ја подигнат својата лична карта во подрачната полициска станица според местото на живеење, истакна Тошковски.