Апел на РСБСП: Паркирајте совесно и одговорно

Апел до возачите своите возила да ги паркираат совесно и одговорно упати денеска Републички совет за безбедност во сообраќајот и на патиштата.

-Покажете грижа за безбедноста на децата, пешаците, велосипедистите, лицата со посебни потреби и другите учесници во сообраќајот. Паркирајте совесно и одговорно!, се вели во обраќањето.

РСБСП потсетува дека неправилното паркирање е причина за голем број на сообраќајни незгоди во кои страдаат децата, пешаците и велосипедистите. Затоа, РСБСП укажува дека возачот, односно сопственикот на возилото не смее да запре или паркира возило:

-на обележан пешачки премин, како и на премин на велосипедска патека преку коловозот и на оддалеченост помала од 10 метри од тие премини,

-на крстосница и на оддалеченост помала од 10 метри од најблискиот раб на напречниот коловоз,

-на мостови, во подвозници, на надвозници како и на растојание помало од 15 метри од мостови, тунели, подвозници и надвозници,

-на место на кое возилото би го засолнувало поставениот сообраќаен знак или уредот за давање светлосни сообраќајни знаци,

-на велосипедска патека, односно лента,

-на тротоар, односно пешачка патека,

-на дел од јавен пат, односно на оддалеченост помала од 15 метри од премин на патот преку железничка  пруга во исто ниво,

-на дел од коловозот, кој како стојалиште за возила на јавниот сообраќај е обележан со ознаки на коловозот,

-на оддалеченост помала од 15 метри пред и зад знакот со кој е обележано стојалиште за возилата за јавен сообраќај,

-на место каде паркираното возило би го оневозможило пристапот на друго возило, заради паркирање или излегување на веќе паркирано возило,

-пред влез во објект, двор или гаража,

-на хортикултурно уредени зелени површини, градски зеленила и паркови,

-на места предвидени за движење и паркирање на возилата на лица со посебни потреби,

-на паркинг место кое со дополнителна табла, сообраќаен знак или ознака на коловозот е обележано место за паркирање на возила за лица со посебни потреби, и др.

Претходна вестГрад Скопје набави нови реквизити за игрите за слепи и слабовидни лица Goalball и Showdown
Следна вестТошковски: Реорганизацијата дава резултат – термин за итна постапка за пасош се добива за еден ден