Според техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски процесот „Прв дојден, прв услужен“ е хаотичен особено кога имате, како што рече, 2,1 милиони лични документи кои што треба да се издадат.
– И мислам дека некој друг требало да мисли на тоа претходно. Она кое ние сега можеме да го направиме како решение е на еден достоинствен начин во рамки на систем да пробаме да го регулираме процесот и да сториме се што можеме за граѓаните да можат достоинствено си ги обезбедат личните документи. Факт е дека има разлика“, изјави Тошковски за ситуацијата со фотографирањето и подигањето на личните документи на граѓаните. Се сеќавате на 5.000 луѓе пред врата, а внатре фотографираат на дневна основа по 300 лица, потсети Тошковски на ситуацијата во ПС „Пролет“ во Скопје. Овде во Куманово го нема тоа, дополни тој откако претходно направи увид како функционира новиот систем во тој град.
Тошковски се осврна и на начинот на кој се води процесот на издавање лични документи со ,,Северна”.
– Секогаш гледаме врз основа на принцип на правичност да го истуркаме овој процес. Бројката на термини, на луѓе кои треба да пристапат во нареден период се 300.000 со закажани термини. Кога станува збор за 300.000 термини, малку е тешко да се справиме на најправичен и праведен начин. Даваме максимален допринос од наша страна и гледаме да е праведно. Сега почнавме на недела дена да ги чистиме листите со термини, за сите кои работата ја имаат завршено, во смисла некој се предомислил и од редовна отишол на итна постапка, за да друг ги добие термините, рече Тошковски.
Според него, во догледно време на сајтот на МВР ќе биде достапна опција да се провери каде граѓаните ќе можат да ги подигнат готовите лични карти во Скопје – дали во МРТВ или во полициска станица. Тошковски, кажа дека се работи на тоа оваа нова можност да се имплементира.
– Тоа ќе биде еден од наредните чекори, за граѓаните да бидат информирани дека личните карти им се готови и дека им се дадени во соодветна полициска станица. Правиме се што е возможно за процесот да биде достоинствен, а наеднаш сѐ не можеме да направиме, вели Тошковски.
За времето потребно за имплементација, ќе се произнесе дополнително.
– Не би знаел за колку време, кога ќе ја имам информацијата, ќе ја споделам со вас, додаде Тошковски.