Фудбалската репрезентација на Македонија утре во Скопје ќе ги одмери силите со европскиот првак Италија во меч од квалификациите за пласман на Европското првенство кое се игра догодина во Германија. Македонската спортска чета најавува силна борба за потребните бодови.
Александар Трајковски во интервју за торинскиот спортски весник „Тутоспорт“ посочува дека повторно би сакал да го реши мечот помеѓу Италија и Македонија, потсетувајќи на тој начин на голот во баражот за пласман на СП во 2022.
Трајковски, на нему добро познатиот стадион во Палермо, го постигна голот во 92. минута со кој Македонија стигна до 1:0 победа, а исто таака има постигнато гол и при 1:1 ремито против Италија во квалификациите за СП во 2017 година.
-Во вторникот наполнив 31 година и би сакал да прославам со гол, но би бил среќен да ги освоиме трите поени со гол на некој од моите соиграчи. Во Палермо тогаш, бев исцрпен и ако игравме во продолженија, селекторот најверојатно ќе ме извадеше од игра. Затоа се обидов со обидот од далеку. Знам дека можам да постигнам такви голови, а тогаш изгледаше како тоа да се одвива во некој филм. За нас беше тоа неверојатна победа, една од легендарните за кои ќе се зборува со генерции. Никој не веруваше дека можеме да ја победиме Италија, вели Трајковски.
Инаку, Во групата Ц води Англија, со максимален ефект од четири победи на исто толку натпревари, а потоа следуваат Украина, Италија, Македонија и Малта која е последна.