Треба ударништво во економијата, а не шминка

Колумната на Никола Taсев:
 

Умираат многу пациенти. Страшно! Умираат и бизниси. Исто така страшно! Двете епидемии се голема опасност, а власта е трома и површна. Особено за втората – економската.

Чекав „хемиското” во комшии, конечно да проработи, но вчера наидов на натпис „дуќанот се издава”. Мака за мене за да најдам ново хемиско, но неспоредливо мала во однос на тројцата вработени кои сега се без работа, без основна егзистенција и во потрага по ново вработување. Пред некој ден се затвори и игротеката, каде што буквално го пораснав син ми. Се уште не е отворена ниту „скарата на кило” од каде што понекогаш купував кебачиња. И многу други мали бизниси затвораат или планират да го направат тоа!

А помалите и семејните бизниси, но и дел од средните – основата на секоја национална економија се први на удар во кризно време. Нивниот проблем е во тоа што немаат заштеда, немаат достапност до „свежи” пари, живеат „од денес за утре”, а имаат кредити и обврски.

Токму заради тоа, неопходно беше мерките на Владата во најголем дел да бидат насочени кон нив. Но за жал, техничката влада, поголемото внимание го насочи кон економски изборни мерки, со единствена цел да го подготви населението за изборите и да им развие пријатно чувство кон владеачките партии, наместо на донесување на реални и применливи мерки и да го подготви стопанството за црниот период што следува.

Со вирусот се навикнавме да живееме: без свадби и прослави, без викање на спортски натпревари, без масовки во ресторани и кафулиња, со маски и ракавици, но како ќе се навикнеме да живееме без работа, без пари, без леб?

А главната економска криза допрва ни претстоиЛуѓето ќе го сменат своето однесување, ќе станат повнимателни, помалку ќе се дружат, на годишни одмори и викенди ќе заборават, но и помалку ќе трошат.

И токму во време на криза, државата е таа што треба да ја стимулира и поддржи потрошувачката. Тоа е најголемата мерка што може да ја направи: преку зголемената потрошувачка и поголемиот обрт да се намали економскиот земјотрес. Затоа што државата, за разлика од луѓето и компаниите има поголема шанса да најде пари, па макар и тие да бидат скапи.

Покрај сите мерки што економските стручњаци ги предлагаа, а во Владата баш и немаа слух да ги прифатат, можеби една од мерките што требаше да се преземе е Македонија да се претвори буквално во големо градилиште и преку големи инвестиции во инфраструктурата да се одржи животот на стопанството.

Преку проект „Цела Македонија –  градилиште”, кој ќе отвореше работа за многу компании, ќе ангажираше луѓе, ќе се трошеа материјали…

Да се удреше ударнички на автопатот Охрид – Кичево, но и да се започнеше веднаш со поврзување на Кичево со Гостивар. Да се тргнеше со автопатот од Велес кон Прилеп и Битола. Сега беше времето да се довршува пругата кон Бугарија, да се отпочнеше со железничко поврзување со Албанија. Требаше и да се градат паркови, спортски сали, јавни објекти… И се, со голема контрола и проектиран план: за различни делови да бидат ангажирани различни домашни компании, различни добавувачи, лепеза на подизведувачи.

Се уште не е касно, по изборите, Владата да се ангажира со ваква или слична мерка да ја зголеми потрошувачката. Но дали ќе има слух или повторно ќе имаме диригирана партиска економија каде што јавните пари ќе се трошат најмногу во компаниите блиски до власта.

Претходна вестТимот од „Медена земја“ доби покана за членство од Американската академијата за Оскар
Следна вестСончево и многу топло, попладне можен е краткотраен дожд