Трета доза вчера примиле 69 граѓани

Во текот на вчерашниот ден трета или т.н. засилувачка доза примиле 69 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Вакцинацијата со трета доза започна вчера откако минатата недела Комитетот за имунизација препорача да ја примаат сите граѓани над 60 години, како и за здравствените работници и лицата со имунокомпромитирачка состојба без разлика на возраста.

За да се прими трета доза, потребно е да поминат најмалку шест месеци од ревакцинацијата. Кога ќе истечат тие шест месеци, како што објаснија претходно од Министерството за здравство, граѓаните ќе добиваат СМС-порака дека може да се јават и да примаат трета доза.

 

Засилувачката доза е од производителот „Фајзер“, без разлика на тоа кои се првите две дози.

Заедно со 69 лица што примиле трета доза, вчера вкупно се вакцинирале 7.207 граѓани, од кои 1.820 примиле прва доза, додека останатите втора.

Најновиот извештај на здравствените власти за опфатот со вакцинација заклучно со 26 септември покажува дека во земјава барем со една доза е вакцинирано 46,9 отсто од населението над 18 години. Податоците покажуваат дека сè уште е низок процентот на вакцинирани кај помладото население од 18 до 39 години, кој изнесува 31 отсто. Кај лицата над 40 години опфатот со една доза е 55 отсто.

Претходна вестОтворајте четири очи кога купувате стан – вработен во агенција земал капар и си го ставал в џеб
Следна вестФон дер Лајен дојде во Скопје да нѝ каже да не губиме верба во ЕУ