Македонските институции имаат големи проблеми со тоа што се нефункционални и многубројни, а сега им се појави и нов – неодржување на дворовите. Таков пример последниве недели е токму македонската Влада чиј двор веќе со недели е обраснат со високата трева која, кој знае од кога, не е искосена. Тоа, пак, денеска предизвика вербална војна меѓу техничкиот премиер Талат Џафери и скопската градоначалничка Данела Арсовска.
На денешната прес-конференција по повод 100 дена Влада го рече премиерот во техничката влада, Талат Џафери директно ги прозва Градот Скопје, градоначалничката Данела Арсовска и градското претпријатие „Паркови и зеленило“ за неискосената трева.
-Според процедурите и прописите, земјиштето околу Владата е сопственост и надлежност на Градот Скопје и според работата и обврските „Паркови и зеленило“ како јавно претпријатие кое се грижи за изгледот на главниот град е надлежно за таа работа. Владата ниту има предвидено средства ниту, пак, може да предвиди средства за работи кои се во надлежност на друга институција, рече премиерот во техничката Влада.
Тој изрази жалење што изгледот на дворот на Владата е таков, што тревата не е искосена, но Владата нема надлежност во тој дел, зашто земјиштето било во сопственост на Градот Скопје.
Според него, следствено на ваквата состојба на изборите соодветен одговор добила и градоначалничката на Градот Скопје, Данела Арсовска.
-Во изборите соодветен одговор доби и градоначалничката на Град Скопје во однос на изборниот резултат. Така што граѓаните гледаат, граѓаните оценуваат, вреднуваат и со го дадоа својот одговор, рече тој.
На ова потоа дојде и одговорот од Градот Скопје.
-На денешната прес конференција во Влада, в.д. премиерот Талат Џафери избегнува одговорност и манипулира со некакви процедури само за него познати, лажејќи дека сопственост и надлежност на Град Скопје и ЈП “Паркови и зеленило“ било да се грижи за зеленилото во Влада. Талат Џафери ако до сега не знае дека сам треба да си го уреди сопствениот двор, таа лекција ни денес нема да ја научи сигурно. Од ВД премиерот од Форино, што кога излегува од дома до Влада ги гаси попатно сите семафори и прави хаос низ градот, не е ни очекувано дека би требало да знае што е негова обврска, тој само знае какви бенефиции може да искористува, се наведува во соопштението од службите на Данела Арсовска.
Таму се укажува дека ЈП “Паркови и зеленило” ги одржува градските булевари и паркови површини кои се надлежност на претпријатието согласно Закон.
-А ако сака в.д. премиерот Талат од Форино да ги ангажира да работат во Влада за истото треба да си склучи Договор, исто како и секоја друга институција во Македонија, се нагласува во соопштението.