Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за економија се првите министерства што учествуваат во пилот постапката за реорганизација во рамки на ИПА-проектот, финансиран и поддржан од Европската Унија, во кој учествува целата македонска Влада.
Слаѓана Тасева, претседателката на Транспаренси Интернешнл Македонија и тим лидер на проектот, денеска информира дека со постапката се направени анализи на сите 17 министерства за тоа како би можело да се реорганизираат. Целта е да се обезбеди водење на политики, отчетност, надзор и контрола, што ќе биде целосно под една капа, или под контрола од страна на министрите. Со тоа ќе се овозможи јасна линија на отчет, исполнување на обврските и јасна линија на буџетирање. Истовремено, ќе се избегне праксата на создавање на независни институции надвор од закон.
– Како што ние имавме пракса да создаваме независни институции, агенции со посебни закони, така што сето тоа ќе се подведе под еден закон и ќе се воспостави целосно нова архитектура и структура на работењето на државната управа што ќе обезбеди таа да биде поекономична, поефикасна, поодговорна и отчетна кон граѓаните, рече таа.
Во пракса, како што информираше министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, ова ќе значи дека неколку институции и агенции ќе бидат споено во едно.
– Бидејќи засега има констатации од експертите дека ја вршат истата работа и треба да бидат едно, а не две или три во некои случаи. Исто така, ќе имаа агенции кои ќе бидат затворени, односно трансферирани како сектор во некое друго министерство, бидејќи експертите, исто така, во тој случај констатираат дека не мора да има некоја агенција со седум члена на Управен одбор и директор, односно само администрацијата е важна во таа агенција, рече тој.
На новинарско прашање дали тоа ќе значи намалување на вработените, министерот одговори дека ќе има намалување на бројот на директори и на членови на управни одбори, а не на вработените.
– Вработените ќе бидат трансферирани. Значи, со реорганизација нема ниеден вработен да биде отпуштен од работа бидејќи посебно во централна власт ние имаме дефицит на вработени, така што можно е да има прераспределување, меѓутоа вработените ќе останат. А, да ќе има директори кои денеска се директори, а во 2024 штом таа институција нема да има веќе директор нема да бидат директори, рече тој.