Три проекти за летни сцени во Градски парк: ќе останат ли само на хартија како Луна паркот?

Град Скопје ги претстави трите проектни решенија за нови летни сцени во Градскиот парк. Коментарите за нив се позитивни, оти изгледаат модерно, урбано и не изгледаат како да ќе и наштетат на зелената површина во паркот. Инаку станува збор за една сцена во близина на езерцето, една спроти Сточарски институт и уште една локација во вториот дел на Паркот, односно во непосредна близина на езерцето, спроти Кајак Кану клубот.

И додека позитивните коментари завршија на адреса на луѓето односно фирмите кои учествувале на конкурсот и ги изработиле архитектонските решенија, негативните се на адреса на Градот Скопје, односно неговиот прв човек. Скопјани не веруваат дека воопшто проектите ќе се реализираат- а како причина за недовербата го посочуваат неколку пати ветениот – и никогаш не изграден Луна парк.

-Ако судиме според тоа колку „брзо“ се гради Луна паркот, тогаш веројатно на овие летни сцени ќе уживаат моите пра внуци, и тоа ако има волја кај некој иден градоначалник да ги направи… „Лајка“ не почна со работа а за неколку месеци завршува мандатот на Шилегов, Луна парк не бидна, депонијата кај Вардариште вети а не ја исчисти – во ништо веќе не верувам, се само дел од критичките коментари на адреса на градот, на социјалните мрежи.

За Лајка и за депонијата „Скопско ехо“ неколку пати пишуваше. Што се однесува до Луна паркот, Шилегов во ноември последен пат не потсети како ќе изгледа овој дел од паркот, откако претходно неколку пати најавуваше. Па така проектирањето „ќе било“ 2019 – 2020 година, изградбата на инфраструктурата, супраструктура и објектите во 2020 – 2021 година, а набавката на опрема – реквизити и нивно монтирање, 2019 – 2021 година. Предпоследното потсетување за тоа кога ќе биде и што ќе има беше во месец мај истата година. Отприлика исто како штоскопјани слушаа и годините пред тоа и во времето на претходниот градоначалник. И тогаш беше поставен нов рок за завршување на најавеното: до средината на идната година. Исто како што во минатите години беа поставувани рокови кои што постојано се пролонгираат.

Претходна вестФилипче: Нема потреба од полициски час и нови рестриктивни мерки
Следна вестШто требаше, а „заборавија” да кажат пред избирачите